Пробиени 80 проценти од автопатот Миладиновци – Штип

Преку 500 градежни работници работат на автопатот Миладиновци – Штип каде моментално се пробиени 80 проценти од трасата. Во моментов работат 2.200 лица на вкупно 230 километри патна инфраструктура од кои 130 километри се автопатишта, обајви МИА.

Ова денеска го истакна министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски при посетата на прва секција од автопатот Миладиновци – Штип на потегот кај селото Средно Коњаре.

– Моментално се пробиени 80 проценти од трасата. Динамиката е запазена. Имавме многу проблеми со врнежите и снеговите, но во моментов добро се одвиваат градежните активности и очекувам во летниот период да се зголемува динамиката, истакна Мисајловски.

Министерот нагласи дека изградбата на автопатиштата во Македонија претставува инвестициски бум во државата. Информира дека паралелно се работи на делниците Кичево – Охрид каде работат 900 работници, Демир Капија – Смоквица 700 работници, 100 на Велес -Катланово како и на 46 локални правци.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Александар Стојанов информира дека на делницата Миладиновци – Штип се работи на сите седум надвозници како и на исто толку клучки, како и дека се завршени сите потпорни ѕидови. Според Стојанов изградбата на автопатот ќе завршат во предвидениот рок.

Во тек е изградба и рехабилитација на четири регионални и магистрални делници и тоа на патот Маврови Анови – Маврово, Скопје – Сончев Град и Опае – Бељаковце – Станчиќ – граница со Косово, како и изградба на патот Велес – Кадрифаково. Вкупната должина на овие делници изнесува 52 километри