Проблемот со брашното го прават фирми кои не ги почитуваат правилнците

Нема никаков проблем со увозот на српско брашно, тоа што е договорено во Скопје со српските колеги се спроведува, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски по најавата на Србија дека ќе спроведе контра мерки ако ситуацијата не се надмине до 14 април.

-Мешовитиот комитет заседаваше во Белград, а ќе продолжи со седница во Скопје. Засега останува одлуката за брашното од еден, три и пет килограми маркичките да се лепат во Србија, а за поголемите пратки во Македонија. Наместо секоја година да го решаваме проблемот со брашното, ќе се обидеме да најдеме трајно решение. Останува во овие 30 дена од формирањето на мешовитиот комитет да се разгледа и можноста за целосно укинување на маркичките,  ако за тоа се постигне согласнот од двете страни, особено од стопанствениците- истакна Николовски.

Во однос на брашното не се штитат ничии интереси, најмалку на поединци. Проблемот го создава некој што не сака да работи по правилниците и ги изигрува, одговори министерот, коментирајќи ја вчерашната изјава на српскиот министер, Расим Љајиќ дека тројца мелничари од Македонија се причина за настанатата ситуација.

И земјоделците сметаат дека проблемот со брашното го прават неколку фирми кои сакаат да го заобиколат законот и на криминален начин да дојдат до повеќе пари.

Според нив, кои се тие фирми, треба да кажат царинската управа или другите институции надлежни за анализа на квалитетот на брашното.

– Проблем со брашното нема. Некои фирми го злоупотребуваат правилникот. Увезуваат брашно од Србија и директно го пуштаат во малопродажба и по пекарите, без да ги почекаат резултатите од анализите за квалитет. Тоа се компании кои на некој начин беа привилегирани, тие се бунат и прават неред на пазарот во Македонија-изјави денеска претседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Евтим Шаклев.

Според него, сите сериозни фирми кои увезуваат околу 30.000 тони, немаат никакви проблеми. Нивното брашно е складирано во магацините по пропис, и како што предвидува законот, се додека не ги добијат анализите за квалитет.