Продадена парцела под Плаошник во Стариот дел на Охрид

Атрактивната локација под Плаошник на денеска одржаната електронска аукција што траеше повеќе од два часа е продадена по цена од 51 илјада денари за метар квадратен, а како купувач се јавува понудувач од Скопје.

Почетната цена за отуѓување на градежното земјиште што беше во државна сопственост,како што пишува Охрид Њуз, изнесувала 1.543 денари по метар квадратен.

Градежната парцела се наоѓа на левата страна од патеката што води кон црквата „Св. Јован Канео“, со вкупна површина од 201 метар квадратен и површина за градење од 90,9 метри квадратни. Според урбанистичкиот план, максималната висина на евентуален објект предвиден да се гради на парцелата изнесува 3,9 метри и катност -приземје со две нивоа надолу кон населбата Канео.

Според најавите на општинските власти, од продажбата на земјиштето Општина Охрид ќе добие 80 проценти од средствата, а 20 проценти ќе одат во буџетот на Република Македонија. Тука дополнително ќе бидат додадени и средства по основ комуналии за изградба на објектот.

Локацијата предизвика големи реакции кај охридската јавност, како и кај опозициските советници, кои беа против продавањето на атрактивно општинско земјиште на приватни лица.