Македонија

Продажба на државно земјиште во Долно Коњаре

Продажба на државно земјиште во Долно Коњаре

Општина Куманово распиша објава за отуѓување државно градежно неизградено земјиште по пат на електронско јавно наддавање во атарот на село Долно Коњаре. На продажба се нудат локации со различна површина и содржина.

„Освен земјиште за лесна незагадувачка индустрија, се нудат и парцели за кои се надеваме дека ќе има интерес бидејќи се наоѓаат на атрактивни локации во близина на автопатот кон ГП Табановце“, вели раководителот на Секторот за урбанизам од општина Куманово Лидија Ланг Спасовска.

Општината, нагласува Ланг Спасовска, работи на изготвување проекти за уредување на инфраструктурата околу локациите по што веднаш почне реализацијата.

Општина Куманово од продажбата очекува најмалку 230.000 евра приход. Според тендерската документација, на заинтересираните инвеститори им се нудат над 54.000 метри квадратни со различна големина на парцелите, од 3.500 до 16.800 метри квадратни.

Почетна цена за парцелите наменети за изградба на фабрики од лесна незагадувачка индустрија изнесува 61 метар квадратен.

Земјиштето што се нуди за изградба на хотел има почетна цена од 283 денари за метар квадратен, а локациите предвидени за големи трговски единици ќе се отуѓуваат по почетна цена од 800 денари за метар квадратен.

Заинтересираните субјекти треба да ги достават пријавите за учество на јавната електронска аукција најдоцна до 12 септември, а на 17 септември ќе се оддржи лицитацијата. Од Сектрот за урбанизам информираат дека заинтересираните треба да достават депозит со што ќе се осигура сериозноста на постапката.