Продлабочување на соработката меѓу македонското и кинеското Министерство за здравство

Заменик министерот за здравство, Јовица Андовски, денеска во Министерството за здравство оствари средба со делегација од Министерството за здравство на НР Кина, предводена од Ванг Пејан, заменик министер за здравство на НР Кина.

Кинеската делегација беше запознаена со работата на Центарот за традиционална кинеска медицина во Штип и изрази поддршка за идните планови за развој на овој Центар, кој е основан во рамки на проектот на Владата со поддршка од Министерството за здравство за развој на оваа дејност во Република Македонија и се применуваат методи и техники како во НР Кина.

Воедно, на средбата беше заклучено да се продолжи и унапреди соработката започната во рамки на Вториот состанок на министрите за здравство на 16 држави од Централна и Источна Европа и Кина, кој неодамна се одржа во Суџоу, провинција Џиангсу и во Шангај во Народна Република Кина, во организација на Националната комисија за здравство и планирање на семејството на Народна Република Кина.

За време на престојот во Република Македонија, делегацијата од НР Кина оствари посети на повеќе јавни здравствени установи, меѓу кои Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство и Геронтолошки завод „13 Ноември“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.