Продолжен конкурсот за најголем придонес за заштита на животната средина

Градот Скопје ги потсетува граѓаните дека е во тек јавниот конкурс за избор на најеколошка компанија, најголем придонес во областа на животната средина, најубаво уреден двор на куќа, зграда и институција и најубав состав и цртеж на тема екологија за учениците од основните и од средните училишта, како дел од традиционалната манифестација „Денови на пролетта – Денови на екологијата“. Пријавувањето за овој конкурс е продолжено и ќе трае до 25. мај годинава.

Според условите на конкурсот, Градот Скопје и годинава ќе избира:

1.Најеколошка компанија (фирма со успешна примена на ISO 14001 и придонес кон зачувување на животната средина);

2.Најголем придонес во областа на животната средина (правни и/или физички лица кои со својата активност сториле најмногу за зачувување и унапредување на животната средина во Скопје, во смисла на заштита на медиумите и областите на животната средина, намалување на користењето необновливи видови енергија и сл.);

3.Најубаво уреден двор (двор на објект за индивидуално домување, колективно домување и институција, фирма или стопански објект);

4.Најубав состав на тема екологија (за ученици од основните и средните училишта);

5.Најубав цртеж на тема екологија (за ученици од основните и средните училишта).

Сите заинтересирани своите пријави може да ги доставуваат по пошта на адресата: Град Скопје-Сектор за заштита на животната средина и природата, булевар Илинден, број 82, или во архивата на Град Скопје, како и на телефонските броеви 02/3297-273 и 3297-304.

За првите две категории, предвидена е по една награда во износ од по 45.000 денари. За третата категорија, најубав двор, предвидени се три награди (индивидуално домување, колективно домување и институција, фирма или стопански објект), во износ од по 40.000 денари.

За четвртата категорија се предвидени две награди – една за ученици во основните училишта и една за ученици во средните училишта, во износ од по 10.000 денари.

За петтата категорија се предвидени две награди, една за ученици во основните училишта и една за ученици во средните училишта, во износ од по 10.000 денари.

Пристигнатите пријави ќе ги разгледува комисија формирана од претставници на градската администрација и од невладините организации.

Целта на овој традиционален конкурс на Градот Скопје е да се промовира и популаризира грижата за животната средина и природата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.