Македонија,Крими хроника

Продолжен притворот на Шиповиќ

Продолжен притворот на Шиповиќ

Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 денеска донесе решение со кое му се продолжува мерката притвор за нови 30 дена на Мирослав Шиповиќ, претседавач на Советот на општина Центар. Одлучувањето по прашањето за мерката притвор доаѓа по точно еден месец откако Шиповиќ беше екстрадиран од Австрија во Македонија, односно од денот откако почна да му се пресметува времето кога му беше изречена мерката, пренесува „Утрински“.

За ослободување на Шиповиќ од притвор беше понуден стан во вредност од 70.000 евра како гаранција. Адвокатот на Шиповиќ, Стерјо Зиков, вели дека се подготвени да понудат и друг имот, кој ќе го покрие бараниот износ.

Одлучувањето по прашањето за мерката притвор доаѓа по точно еден месец откако Шиповиќ беше екстрадиран од Австрија во Македонија. До кога Шиповиќ ќе остане во притвор знае само истражниот судија Иван Џолев, кој во меѓувреме ја затвори истражната постапка и предметот наскоро ќе треба да го испрати до Јавниот обвинител. Предметот се’ уште не е вратен, бидејќи тој по жалба на останатите обвинети во случајот наречен „Претседавач“ е на разгледување во Апелацискиот суд во Скопје.

„Мислам дека повеќе не стојат причините поради кои судот му изрече мерка притвор на обвинетиот Шиповиќ. Она што мене ме интересира е дали судот ќе најде каква било причина за евентуално продолжување на притворот, бидејќи според законот повеќе не стојат околности поради кои беше изречен притворот“, вели бранителот на Шиповиќ, Стерјо Зиков, и појаснува дека не може да дојде до повторување на делото бидејќи тој повеќе не е на раководна функција во „Машинопромет“, а со оглед на тоа што истрагата е комплетирана не ќе може да влијае на сведоците.

Тој потврдува дека за ослободување на неговиот клиент е понудена недвижност. „Станува збор за стан чија вредност е проценета некаде меѓу 60 и 70 илјади евра, но оставаме простор судот самиот да каже дали оваа гаранција е доволна или не“, вели Зиков.

Гаранција во недвижност за слободата на Шиповиќ понуди и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој рече дека доколку се укаже потреба, тој и неговите најблиски соработници ќе ги понудат своите домови во замена за негово ослободување. Ваква понуда беше испратена и од советниците од Општина Центар и од градоначалникот Андреј Жерновски.

Претседавачот на Советот на Општина Центар и уште други 11 лица, од Скопје и Штип, се товарат за злоупотреби во работењето, односно дека со продажба на стари делови било избегнато плаќање данок во висина од 17 милиони денари, а дека „Машинопромет“ бил оштетен за милион евра.