Македонија

Продолжен рокот за ангажирање лица на раководни позиции во Градот Скопје

Продолжен рокот за ангажирање лица на раководни позиции во Градот Скопје

Град Скопје го продолжува рокот за пројавување интерес за ангажирање лица на раководни позиции во градските јавни претпријатија и во културните институции што се во надлежност на Град Скопје за уште еден месец. Рокот за пријавување на Огласот ќе трае до 25 август 2014 година.

Огласот се однесува на вкупно 16 раководни позиции во Градот Скопје, една раководна позиција во Противпожарната бригада на Град Скопје, 5 раководни позиции во културните установи на Град Скопје и 36 раководни позиции во јавните градски претпријатија „Комунална хигиена“, „Паркови и зеленило“, „Улици и патишта“, „Градски паркинг“, „Водовод и канализација“ и ЈСП.

„Град Скопје ги повикува сите заинтересирани кандидати кои имаат соодветно образование, кои поседуваат менаџерски способности и лидерски вештини, кои се подготвени за тимска работа и сакаат да се надградуваат да се пријават на овој оглас и да го искажат својот интерес. Сите пријавени кандидати имаат еднакви шанси да бидат примени согласно нивните способности, образование, искуство и личен капацитет, без разлика на полова, верска, партиска и национална припадност, имотна состојба и други лични околности,“ објавуват оттаму.

Можност за пријавување на овој оглас имаат сите кандидати кои своето образование го оформиле во Република Македонија или во странство.

Кандидатите кои се актуелни раководни лица на позициите кои се објавуваат во овој оглас и/или мандатот им истекува во 2014 година, раководни лица со истечен мандат или в.д. раководни лица на позициите за кои се објавува овој оглас, имаат право и можност повторно да се пријават за позициите кои досега ги извршуваат. Истите лица имаат можност повторно да бидат избрани од Градот Скопје врз основа на условите објавени во овој оглас.

Заинтересираните кандидати на овој оглас треба да се пријавуваат само по електронски пат. Апликацијата за огласот може да се најде на веб-страницата на Град Скопје – www.skopje.gov.mk/konkursi