Продолжен рокот за поднесување пријави за штети од невремето во Штип

Комисијата за проценка на штети на Општина Штип го продолжи рокот за поднесување пријави за штетите од невремето во текот на минатиот викенд, кој го зафати Лакавичкиот регион, пренесува МИА.

Претседателот на Комисијата за проценка на штети за Општина Штип, Лазар Соколов вели дека жителите во Лакавичкиот регион, сопственици на викенд куќи, фарми и земјоделско земјиште на потегот од третиот километар до браната Мантово, како и останатите кои имаат штети, можат да ги доставуваат своите барања до вторник.

Досега се доставени 55 барања за добивање оштета од невремето.

– Од поднесените пријави се гледа дека најмногу се оштети за имотите, имаме за апарати во домаќинствата, потоа за житни култури и градинарски култури на истиот потег на имотите на лицата поднесувачи на пријавите и секако имаме помор на живина и на ситен добиток, но тоа се поединични случаи, вели Соколов.

Градоначалникот на Општина Карбинци, Зоран Минов соопшти дека досега се поднесени 40 пријави за штети во неговата општина. Тој информира дека претпладнево семејствата од селото Кучица кои вчера беа евакуирани се вратиле во своите домови, бидејќи во текот на ноќта имало мали врнежи од дожд, со што куќите покрај Козјачка река не се загрозени.