Продолжен рокот за пријавување за субвенции за земјоделците и сточарите

Рокот за пријавување за субвенции за земјоделско и сточарско производство е продолжен до 30 следниот месец. Одлуката за продолжување на рокот за еден месец ја донесе Владата на синоќешната седница, пренесува МИА.

– Правиме се што е во наша можност за да им излеземе во пресрет на земјоделците и затоа го продолживме рокот до 30 јуни, бидејќи нашиот менталитет е во последен момент да се пријавуваме, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков по денешната обиколка на опитните полиња на „Агроунија“ и презентацијата на македонските сорти сертифицирана пченица во рамките на одбележувањето на Денот на пченицата.

Во последните денови, како што рече Цветков, има голем метеж и од сите подрачни единици добил известување дека не се во можност навреме да ги запишат сите земјоделци.

– Ние навреме увидовме имајќи предвид дека пред 10-ина дена имаше многу малку пријавени земјоделци. Се обидовме да ги информираме земјоделците навреме да се пријават и јавно им се обративме, но нашиот менталитет е таков каков што е и затоа моравме да го продолжиме рокот, наведе Цветков.

Прецизира дека субвенциите за пченица годинава изнесуваат 12.000 денари по хектар доколку се користи сертифициран семенски материјал, а 8.000 денари или за 1.000 помалку од лани за несертифициран.

Министерот за земјоделство најави дека до 2018 година ќе се намалуваат субвенциите доколку се користи несертифицирано семе, а по 2018 година воопшто нема да се субвенционираат земјоделците кои ќе користат несертифициран семенски материјал.