Продолжува акцијата „Канџа“, голема акциска контрола на МВР и УЈП

Тимови составени од претставници на МВР и УЈП вчера продолжија со акцијата „Канџа“ и извршија контрола на 17 објекти, од кои 12 на подрачјето на Тетово и пет на подрачјето на Гостивар поради сомненија за незаконско организирање игри на среќа.

Од преземените дејствија беше утврдено дека контролираните објекти во Тетово и Гостивар работат незаконски, односно не поседуваат лиценци за работа. Во 13 објекти од страна на УЈП се констатирани 12 кривични дела по чл.156, осум прекршоци по чл.158 и два прекршока по чл.151од Законот за игри на среќа и за забавните игри. На сите каде беа констатирани неправилности им беа издадени решенија за забрана на вршење на дејност. Во акцијата легитимирани се 47 лица,  приведено е едно лице заради утврдување на идентитет, а еден малолетник е предаден во СВР Тетово.Во рамките на контролата беа одземени 114.875 денари и 230 евра, 37 телевизори, 27 монитори,21 компјутер, 21 печатачи,10 апарати за игри на среќа, седум куќишта за компјутер, три процесори,два ресивери, две покер маси и еден читач.

Контролите беа успешно реализирани, без посериозни инциденти, освен во еден случај каде при контрола на објект во с.Речица дојде до собирање на група од околу 20 граѓани кои насилно ги истуркале членовите на тимот надвор од објектот поради што контролата не била целосно спроведена.Имено, во спортска обложувалница без име на фирма, сопственост на Н.А.(1956) од с.М.Речица-Тетово, додека службени лица на УЈП составувале Записник за констатирана состојба, во објектот влегле повеќе лица, кои почнале да им се закануваат, а притоа на инспекторот насилно му бил одземен Записникот и другите документи, при што биле расфрлани на подот.Во исто време, на улицата која оди до објектот била поставена блокада со паркирање на ПМВ„Пасат“ и ПМВ„БМВ“, а се собрале и поголема група граѓани. По кратко време, од страна на полициски службеници блокадата е одстранета и лицата се разотишле.Во консултација со ЈО, по целосно документирање на случајот, против лицата ќе биде поднесена содветна пријава во редовна постапка.

Вчерашната контрола беше продолжение на февруарската акција „Канџа“ во која кај 12 спортски обложувалници од страна на УЈП се констатирани прекршоци по чл.158 и кривични дела по чл.156 од Законот за игри на среќа и за забавните игри, а исто така беа издадени решенија за забрана на вршење на дејност. Тогаш беа легитимирани 122 лица, а при легитимирањето пронајдени се две лица по кои се трагало по распишана потерница. Одземени беа 263.453 денари и 440 евра, 55 телевизори и други апарати кои служеле за приредување игри на среќа.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.