Продолжува дијалогот помеѓу Србија и Косово во Брисел

Во Брисел денес, по 10 месеци застој ќе продолжи дијалогот помеѓу Белград и Приштина, а тимовите за прв пат ќе бидат предводени од претседателот на Владата на Србија Александар Вучиќ и косовскиот премиер Иса Мустафа, а разговорите исто така за прв пат ќе се водат со посредство на шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини.

Како што пишува Танјуг, до продолжување на дијалогот доаѓа во атмосфера на влошени односи помеѓу двете страни, поради одлуката на премиерот Иса Мустафа да го смени министерот Александар Јаблановиќ, што според ставовите на Белград го направи учеството на Српската листа во владата во Косово бесмислено.

Белград исто така порача дека тој едностран потег ќе го отежне продолжувањето на дијалогот и дека останувањето на Српската листа во косовската влада, а со самото тоа и стабилноста на косовските институции ќе зависи од проценките на ситуацијата по состанокот во Брисел.

Последната рунда дијалози се одржа на 31-ви март минатата година, под покровителство на тогашната висока претставничка на ЕУ, Кетрин Ештон, а до застој дојде поради институционалниот вакуум во Приштина, и поради застојот во формирањето на тамошната влада по изборите.

Како што најави портпаролката на високата претставничка на ЕУ, Маја Коцијанчич во петокот на дневен ред на денешната средба ќе биде уредувањето на напредокот во спроведувањето на Бриселскиот договор и размената на мислењата за идните чекори во процесот на нормализација.

Се очекува дека на дневен ред на разговорите една од главните теми ќе биде правосудството, како и формирањето на Заедница на српските општини, а Белград најави дека ќе ги покрене и прашањата за српскиот имот во Косово и Метохија, меѓу кои и рудникот „Трепча“.