Македонија

Продолжува дијалогот помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Брисел

Продолжува дијалогот помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Брисел

Со цел ставање крај на политичката криза во Република Македонија, денеска во Европскиот парламент во Брисел ќе продолжи дијалогот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, со посредство на европратениците Едвард Кукан, Иво Вајгл и Ричард Ховит.

Првата средба на претставници на двете партии се одржа, исто така, во Брисел на 30 март. Делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ ја сочинуваа Никола Попоски, Никола Тодоров и Илија Димовски, а на СДСМ, Радмила Шекеринска, Рената Треневска-Дескоска и Виктор Габер. Тие имаа одделни средби со тројката европратеници, а потоа и кус заеднички состанок.

Првата рунда од дијалогот, заврши без успех, но со договор разговорите да продолжат по велигденските празници. Според информациите од средбите, СДСМ останал на барањето за формирање преодна влада и за оставки на министри и раководни лица во Македонската-радио телевизија, како и на Јавниот обвинител. Тоа било отфрлено од „тројката” од ВМРО-ДПМНЕ.

Во заедничкото соопштение испратено од канцелариите на Вајгл, Кукан и Ховит, освен најава за нова средба по Велигден, не беа презентирани детали за содржината на разговорите.