Продолжува дискусијата на европските и македонските парламентарци

По вчерашната расправа за политичката ситуација во Македонија по парламентарните избори во 2014 година и размената на мислења на претставниците на македонската Влада и Европската комисија, денеска во Стразбур продолжува Мешовитиот парламентарен комитет Република Македонија – Европска Унија, пренесува МИА.

Под претседателство на копретседавчите Кенан Хасипи и Алојз Петрле, европратениците и македонските парламентарци продолжуваат со дискусиите за владеењето на правото, реформите во судството и во јавната администрација, слободата на изразување и медиумите, добрососедските односи, економскиот и финансискиот развој на државата.

Мешовитиот парламентерен комитет ќе заврши без усвојување на заедничка препорака. Наместо тоа двата копретседавачи ќе излезат со заедничка изјава за содржината на дводневните разговори во Стразбур, која според предложениот текст е доста скромна.