Магазин

Продолжува ископувањето на гробницата во Амфиполис

Продолжува ископувањето на гробницата во Амфиполис

Грчките археолози продолжуваат да го истражуваат ровот откриен под варовникот во третата комора во гробницата во Амфиполис и се во потрага по дополнителни информации за природата на гробот.

Коментирајќи дека се уште постојат надежи дека досегашните ископини ќе покажат некои дополнителни наоди, грчките медиуми јавуваат дека е јасно оти доаѓа крајот на првата фаза на ископување.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, во Грција кружат неколку теории за тоа кој е закопан во гробницата, од членови на семејството на Александар Македонски, преку некој негов близок генерал, до најновата теорија дека можеби се работи за поголем комплекс на гробови.

Една хипотеза е дека гробот кој во моментов се ископува е само еден од големиот вештачки рид. кој е со обем од 500 метри. Идејата дека могилата е всушност комплекс од повеќе гробници не е нова, и била изнесена долго време пред да биде откриена гробницата на 10 август.

Најновата вест во Грција е дека во ископувањето, покрај Одделот за геофизика и Факултетот за геологија, ќе се вклучат и други институции. Се очекува Министерството за култура во наредните неколку дена да соопшти кој уште ќе биде вклучен во ископувањето и од каков вид ќе биде соработката.

– Во геофизичките истражувања на ископините во Амфиполис ќе се мобилизираат главните образовни институции со цел максимално да се искористи научниот потенцијал на земјата“, јавуваат грчките медиуми.