Продолжува одличната соработка во одбраната меѓу Македонија и Словенија

Министерот за одбрана Талат Џафери, денеска оствари средба со Приморж Шавц, директор на Директоратот за одбранбена политика во министерството за одбрана на Република Словенија.

На средбата соговорниците изразија благодарност од успешната билатерална соработка помеѓу двете земји во областа на одбраната и безбедноста, а воедно разменија и мислења за регионалната соработка во веќе воспоставените иницијативи и проекти. Во тој контекст, министерот Џафери посочи дека Македонија е секогаш отворена за нови идеи кои ќе овозможат уште поблиска соработка со сите пријателски и партнерски земји, укажувајќи на тоа дека единствено преку соработка, почитување и поддршка, можат да се овозможи непречен раст и развој на сите земји од регионот.

Воедно, министерот Џафери и директорот Шавц разговараа и заедничките вежбовни активности на еден од најважните капацитети на АРМ, армискиот полигон „Криволак“, а ја споменаа и исклучително добрата соработка во иницијативата СЕДМ, иницијативата Клирингхаус во Југоисточна Европа и др.

Во оваа прилика, министерот Џафери се заблагодари и за принципиелната политика како и постојаната поддршка на Словенија во однос на стратегиските определби на нашата држава за членство во евроатлантските структури – Европската Унија и НАТО-алијансата.

Во рамки на посетата, директорот Шавц оствари средба и со државниот секретар во министерството, Сашо Стефаноски, а потпишан беше и планот за билатерална соработка помеѓу двете земји за 2014 година.

Република Словенија и Република Македонија во областа на одбраната соработуваат од 1994 година. Соработката главно се одвива во областа на воената едукација, како и експертските средби посветени на финансиите, одбранбената стандардизација, одбранбеното планирање, логистиката и слично.