Продолжува поддршката на претседателот Иванов на проектот за спортски бон-тон

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, како покровител на проектот „Традиционални спортски игри (Спортски Бон-Тон)“, денеска ќе се обрати на свечената церемонија по повод потпишувањето на меморандумот за соработка помеѓу Здружението за развојни иницијативи – Геостратешки институт „Глобал“ – Скопје и градоначалниците на општините Велес, Карпош, Маврово-Ростуше, Ново Село, Охрид и на Свети Николе, вклучени во проектот.

Целта на проектот „Традиционални спортски игри (Спортски Бон-Тон)“ е промовирање на спортот како општествена активност преку која со игра, забава и дружење на децата и младите од различна етничка припадност се зацврстуваат меѓуетничките односи во Република Македонија.

Проектот кој се одржува трета година по ред, и е поддржан од Амбасадата на САД има за цел да влијае за надминување на стереотипите и предрасудите, и суштински да придонесе за градење на духот на толеранција, заедништво и почитување кај младите во Република Македонија.

Во 2013 година проектот „Социјална и етничка интеграција преку спортот (Спортски Бон-Тон)“ беше имплементиран во општините Валандово, Кавадарци, Росоман, Аеродром, Дебар, Центар Жупа и во Теарце, додека во 2012 година проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“ беше спроведен во општините Тетово, Прилеп, Центар, Старо Нагоричане, Шуто Оризари и во Врапчиште.

Оваа година, проектот „Традиционални спортски игри (Спортски Бон-Тон)“ ќе се реализира во периодот од јуни до ноември 2014 година преку спортско-културни манифестации во шесте општини.

извор МИА