Продолжува потрагата за исчезнатиот малезиски авион

Австралија денеска соопшти дека ќе ја продолжи потрагата за исчезнатиот патнички авион „Малезија ерлајнс“. Претходно во јавноста беше објавен коментарот на еден од раководителите на компанијата дека авионот ќе биде прогласен за исчезнат, што предизвика незадоволство кај семејствата на патниците.

Комерцијалниот директор на компанијата „Малезија ерлајнс“ Хју Данливи предизвика бурни реакции кај семјствата на исчезнатите патници со изјавата дека „семејствата ќе добијат оштета откако авионот ќе биде официјално прогласен за исчезнат“.

Медиумите наведуваат дека Австралија и Малезија, најверојатно до крајот на годината ќе го прогласи авионот за исчезнат, со што и официјално ќе биде прекината масовната потрага која беше отпочната непосредно по исчезнувањето на авионот на 8-ми март.

Компанијата „Малезија ерлајнс“ соопшти дека коментарите на Данливи се „израз на личното мислење“ и дека нови информации за потрагата може да дава само Заедничкиот центар за координација, чиешто седиште е во Австралија и кое ја предводи потрагата по авионот.

-Австралија продолжува да ја предводи потрагата за исчезнатиот авион во име на Малезија и ќе остане посветена на тоа да ја пружи целата неопходна помош за време на потрагата, се истакнува во соопштението од Центарот во кое коментарите на Данливи се оценети како „многу вознемирувачки“ за семејствата на исчезнатите.