Продолжува соработката меѓу Македонија и Долна Нормандија

Францускиот град Кан, денес и утре е домаќин на македонската делегација каде ќе се одбележи десетгодишнината од соработката меѓу овој француски регион и Република Македонија.

Соработката меѓу Македонија и Долна Нормандија беше започната во 2005 година.

Целта на соработката е да се создадат меѓукултурни врски и олеснување на размената меѓу двете територии. И покрај нивните разлики, во изминатите десет години беше најдена заедничка визија за прашањата на децентрализацијата, владеењето и локалниот развој.

Соработката овозможи бројни размени кои резултираа со реализација на одржливи проекти и партнерства кои продолжуваат да напредуваат. Особеноста на оваа соработка е што таа се одвива меѓу различни структури и во неа се вклучени: здруженија, градови, образовани институции, студенти, уметници од регионот Долна Нормандија и Македонија кои се обединија за вршење заеднички акции и промовирање на нивната територија.

Во програмата за десетгодишнината од соработката е предвиедена во текот на денот во седиштетот на Регионот во Кан, презентација на соработката Долна Нормандија-Македонија со сведоштва и искуства на партнерите, индивидулани разговори и средби.За утре се предвидени три тематски работилници за „Предизвици на институционалната соработка: долгорочни размислувања и капитализирање на искуствата за локалните единици“, „Соработка со Балканот или како да се вреднува различноста на европските идентитети“ , „Децентрализирана соработка и економска отвореност“.

Во Културниот дел на програмата е предвидено затворање на изложба на Флер Елуин и концертот на македонска музика на Тони Китановски и Черкези Оркестар/Баруф Оркестар и посета на Меморијалниот центар од Кан.