Продолжува успешната и значајна соработка меѓу АРМ и НАТО

Во Генералштабот  на АРМ со високи воени почести беше пречекан председавачот на Воениот комитет (ВК) на НАТО, генерал Кнуд Бартелс, на кого домаќин му е началникот на ГШ на АРМ,  генерал-потполковник Горанчо Котески.

arm-natoo

Генералот Бартелс во изјавата за медиумите им се заблагодари на припадниците на АРМ, истакнувајќи го нивниот професионализам кој го покажуваат во мисијата ИСАФ во Авганистан, заради што се особено почитувани во НАТО Алијансата. Подвлекувајќи го придонесот и кооперативноста на АРМ и во мисијата КФОР, тој изрази задоволство од подготвеноста за понатамошното учество на АРМ во мисијата ,,Одлучна поддршка“ која како мисија за обука на Авганистанските безбедносни сили започнува од идната година под водство на НАТО. Претседавачот на ВК на НАТО нагласи дека одличната соработка на АРМ со НАТО ќе продолжи, а покрај учеството во мисиите и вежбите, таа ќе се прошири и со нови иницијативи, како што е иницијативата за градење на одбранбените и безбедносни капацитети.

Генералот Котески го истакна учеството на припадниците на АРМ во мисиите предводени од НАТО, како и огромниот придонес на АРМ во регионалниот и светскиот мир и стабилност, при што искажа очекување за зголемено учество на штабни офицери во наредниот период во командите и штабовите на НАТО, кои ќе учествуваат во донесувањето на одлуките во рамките на Алијансата. Нагласувајќи дека според подготвеноста на декларираните единици и примената на Концептот за оперативни способности на НАТО, АРМ е лидер во регионот, НГШ на АРМ истакна дека поддршката и соработката со НАТО ќе продолжи и понатаму, во прилог на заложбите за активно членство на Република Македонија во НАТО.

Покрај унапредувањето на понатамошната соработка со НАТО, на средбата со делегацијата од НАТО се разговараше за реализацијата на акциониот план за членство во НАТО, имплементацијата на партнерските цели  и за учеството на АРМ во мисите предводени од НАТО.

Генералот Бартелс оствари средба и со Министерот за  одбрана Зоран Јолевски, а попладнево, одржа предавање пред питомците на Воената Академија ,,Михаило Апостолски“ во Скопје.

Утре, претседавачот на ВК на НАТО е предвидено  да се сретне со Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов и со министерот за надворешни работи Никола Попоски, а ќе положи и венец со свежо цвеќе пред споменикот на ,,Паднатите херои за Македонија“.