Продолжуваат активностите за подигање на јавната свест за безбедност во сообраќајот

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, претставници од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата и претставници на такси-компаниите на денешната прес-конференција пред фонтаната „Лотосов цвет“ ја нагласија важноста од врзување на безбедносниот ремен за возачите, но и за патниците во моторните возила кога се вклучуваат во сообраќајот.

„Градот Скопје активно се вклучува во кампањата „Почитувај ги правилата, почитувај го животот”. Денеска, заедно со претставниците од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот и со претставници на такси-компаниите, уште еднаш сакаме да упатиме порака до граѓаните за тоа колку е важно да го врзуваат безбедносниот ремен на предното, но и на задното седиште во возилото. Во таа насока, на такси возилата во Скопје на задното стакло има залепено жолти налепници кои ќе ги потсетуваат корисниците на такси-превозот да го врзат безбедносниот ремен. Сметам дека оваа кампања во голема мера ќе придонесе за зголемување на свеста кај граѓаните за безбедно учество во сообраќајот, зашто секој од нас може да придонесе за својата и за безбедноста на другите учесници во сообраќајот. Сакам да нагласам дека Градот Скопје континуирано работи на зголемување на безбедноста во сообраќајот, пред се во делот на одржување на вертикалната и хоризонталната патна сигнализација. Упатувам апел до граѓаните да ги чуваат и да не ги оштетуваат сообраќајните знаци. Градот Скопје годишно одвојува по околу 50.000 евра само за обнова на оштетените сообраќајни знаци. На крајот сакам да се заблагодарам на такси-компаниите што се вклучија во оваа кампања и што активно придонесуваат за подобрување на такси-превозот во Скопје,“ рече денеска градоначалникот Трајановски.

Гојче Стефковски од компанијата „Сонце“ и претставник на такси-компаниите нагласи дека такси-возачите отсега имаат задача да ги потсетуваат своите патници да го врзат појасот, без разлика дали седат на предното или на задното седиште.

– Врзувањето на безбедносниот ремен е од исклучително значење за безбедноста на учесниците во сообраќајот. Апелирам до сите возачи и до патниците во моторните возила да го врзат појасот. Нашата кампања ќе трае подолго од предвиденото зашто нашата цел е да ги промениме навиките кај граѓаните и да ја подигнеме јавната свест за безбедноста во сообраќајот – рече денеска Тоше Јанев, од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата.