Продолжуваат напорите на надлежните во Србија за справувањето со поплавите

Центарот на српскиот град Обреновац од утрово е под вода, а постојат индиции дека е исчезната постара жена во поплавите кои ја зафатија Србија, јави Танјуг

Во тој град упатени се дополнителни сили од Секторот за вонредни ситуации од Војводина, како и полициски тимови кои биле во Лазаревац и Уб со цел да извршат евакуација.

Од Белград се испратени седум екипи на Итната медицинска помош. Градоначалникот на Белград Синиша Мали упати молба до жителите на Обреновац да не ги напуштаат своите домови.

Поради високиот водостој на реки извршена е делумна евакуација на жители на Параќин и Јагодина.

– Во текот на ноќта евакуирани се над 4.600 жители, но уверен сум дека таа цифра е многу повисока, изјави за Танјуг Предраг Мариќ, началник на Секторот за вонредни ситуации. Најмногу луѓе се евакуирани од Уб – 1500.

Со одлука на Владата на Русија, а на молба на раководството на Србија заради поплавите, руското Министерство за вонредни ситуации и цивилна заштита, упати спасувачки тимови за помош во Србија.

– Авион Ил-76 на Министерството со 70 спасувачи се упати кон Србија, наведе руското Министерство за вонредни ситуации. Во авионот како што се наведува има и високотехнолошка спасувачка опрема, како и моторни чамци. Руски медиуми јавуваат дека е можно уште еден таков авион да биде испратен во Србија.

Републичкиот штаб за вонредни ситуации ќе одржи денеска вонредна седница по повод вонредната ситуација предизвикана од поплавите. Владата на Србија вчера прогласи вонредна ситуација на територијата на државата поради опасност од поплави.

Одлуката беше донесена за да се подигнат капацитетите за ангажирање на сите субјекти за заштита и спасување како и справување со последиците од елементарните непогоди.

Во акциите за заштита и спасување на загрозени лица и нивни имот од поплави ангажирани се 730 припадници на противпожарно-спасувачки единици со 189 возила. Во акциите учествуваат и 118 припадници на Протитерористичката единица, 65 припадници на Специјалната антитерористичка единица и 328 припадници на армијата на Србија.

Без електрична енергија се околу 100.000 домаќинства. Центарот на Белград синоќа беше половина час без струја. Досега се регистрирани пет жртви од поплавите.

Дождот, кој во некои делови на Србија постојано врне повеќе од 36 часа, предизвика поплави кои досега во 18 општини во централниот и западниот дел на земјата предизвикаа вистински хаос, уривајќи мостови и оштетувајќи инфраструктура.

извор: МИА

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.