Продемократските демонстрации во Хонг Конг, продолжуват и денеска и покрај решението на властите да ги повлечат специјалните полициски сили за справување со улични немири, пишува МИА.
Демонстрантите и понатаму држат под блокада неколку витални улици и сообраќајници, шопинг центри, кои предизвикуваат запирање на сообраќајот во Хонг Конг. Поради тоа низа банки не работат, а десетици училишта се затворени. Локалната Влада која од почетокот ги осудува протестите, прогласувајќи ги за „илегални“ денеска ги повика демонстрантите да се повлечат од улиците, но тие ги игнорираат апелите за смирување на тензиите за нормализација на животот во оваа територија.
Демонстрантите останаа преку ноќта на улиците од Хонг Конг, продолжувајќи да протестираат и осудувајќи го насилството на полицијата и на нејузните специјални сили кои во текот на вчерашните судирања, употребија солзавец и пендрeци, за да ги растераат демонстрантите од улиците.
Во текот на овие судирања, демонстрантите се бранеа само со своите отворени чадори. Повеќе од 150 лица, најголем број од нив студенти, досега се уапсени од полицијата.
Протестите избувнаа откако властите во Пекинг прво ветија, а потоа откажаа да се согласат со изборни реформи во Хонг Конг, на избрите за локалните власти.
Кина ветуваше дека за изборите во 2017 година, ќе може да има слободно номинирање на кандидати за раководните функција на оваа територија, на тлото на Кина. Властите во Пекинг сега тврдат дека за тоа „не може да има дискусија“ и инсистираат на постоењето (како што е тоа и сега) посебен изборен комитет кој ги потврдува и одобрува кандидатите за кои треба да се гласа.
Приврзаниците на демократијата, меѓутоа, инсистираат на слободното номинирање, тврдејќи дека преку Комитетот, Кина само ги контролира изборите и директно определува кој може да биде биран за функционер во Хонг Конг.
Протести со поддршка за барањата на хонгконшките демонстранти се одржаа во Тајпеј, пред заградата на култураната мисија на Хонг Конг во Тајван.
Вчерашните демонстрации за аналитичарите се пресвртна точка која идните генерации можат да ја одбележуваат како ден кога аполитичниот град дефинитивно се претвори во непогрешливо политичен.
Хонг Конг е поранешна британска колонија на кинеската територија, која 100 години беше под контрола на Велика Британија.
Во тој период израсна во значен индустриски центар и главен финансиски пазар во Азија, покрај Токио. Во 1997 година Хонг Конг и беше вратен на Кина, но ја задржа својата „посебност“ и улогата на финансиски и бизнис центар, преку силната самоуправа што ја задржа оваа територија, врз основа на формулата на Пекинг „една држава со два система“.