Свет

Продолжуваат студентските протест во Венецуела

Продолжуваат студентските протест во Венецуела

Околу 2.000 студенти излегоа на улиците на венецуелската престолнина на антивладини протести, пренесе „АФП“.

САД соопштија дека се вознемирени и загрижени од вчерашните демонстрации што прераснаа во насилство. Венецуелската влада и опозицијата разменија обвиненија по смртта на три лица во нередите кои се испровоцирани од минатогодишната тесна победа на претседателот Николас Мадуро на изборите.

Студентите, поддржани од опозицијата и денеска го продолжија протестот, зголемувајќи го притисокот врз Мадуро, со барања за итни мерки против неконтролираниот криминал, инфлацијата и недостигот на основните стоки на пазарот.

Најмалку две лица загинаа, а 23 се повредени на протестите на антивладините и провладините приврзаници во престолнината на Венецуела, Каракас.

Претседателот Николас Мадуро порачал дека во земјата нема да има државен удар.

По скоро една година од смртта на социјалистичкиот лидер Хуго Чавез, вчерашните протести се показател на длабоката парализа во која што се наоѓа земјата и обостраната недоверба на двата политички блока, на владејачкиот и опозицискиот.