Продолжуваат владините мерки за состојбата со воздухот

Продолжуваат владините мерки за состојбата со воздухот, според кои што ослободени од работа ќе бидат бремените жени и лицата над 60 години во скопскиот, кичевскиот, тетовскиот и битолскиот регион поради загадувањето на воздухот кое деновиве е над дозволеното.

Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев за порталот „Курир“ потврдува дека продолжуваат истите мерки кои беа донесени неодамна.

Со мерките се препорачува  работниците кои работат на отворено, како што се градежните работници тоа да го прават од 11 до 17 часот. Од една страна се заштитуваат работниците, а од друга страна со намалените градежни активности ќе се влијае на испуштањето на штетните честички во воздухот. Им се препорачува исто така на градинките, основните и средните училишта во деновите до сабота да не изведуваат активности на отворено.

Црвениот крст, центрите за социјална работа и единиците на локалната самоуправа да имаат проактивен пристап за заштита на здравјето на некои од ранливите групи како старите лица, бездомниците и други. Во наредниот период сите медицински и здравствени установи ќе бидат подготвени да примаат евентуален зголемен број пациенти.

Со мерките се препорачува во Градот Скопје и во општините Битола, Кичево и Тетово да се пренасочи движењето на товарни возила од периодот од седум до 19 часот, односно во градот Скопје да се пренасочи движењето на товарните возила по обиколницата. Во другите градови се препорачува товарните возила да не се движат низ центарот во тој период освен возила коишто пренесуваат леб и лекови. Локалните самоуправи се повикуваат интензивно да ги чистат и мијат улиците.

Се задолжува Министерството за внатрешни работи да ги пренасочува товарните моторни возила чија крајна дестинација не е Градот Скопје преку обиколницата на Градот Скопје. Се препорачува на Градот Скопје и општините Тетово, Битола и Кичево, интензивно да ги чистат улиците особено околу градилиштата.

„Во овој период кога температурите се ниски, не може да ги повикаме граѓаните да користат велосипед, меѓутоа можеме оваа прилика да ја искористиме да ги повикаме да косистат јавен превоз, да не се возат со сопствени возила, да се возат повеќе лица во едно возило итн“, апелираше до граѓаните неодамна министерот Адеми.

Според мерењата што се извршени во изминативе неколку денови лошата состојба на воздухот е забележана во периодите од 7,30 до 11 часот  и од 17 до 21 часот.

Со мерките воедно се задолжува Државниот инспекторат за животна средина во соработка со овластените инспектори за животна средина и комуналните инспектори на Градот Скопје и другите општини да вршат секојдневна контрола на инсталациите кои подложат на „А“ и „Б“ дозволи. Исто така да се контролриаат автосервисите и помалите капацитети за кои имаат сознанија дека користат употребувано масло за греење. Се препочува на компаниите кои добиле „А“ интегрирана дозвола, а кои се во општините каде се надминати вредностите да работат со редуцирано производство од нивните капацитети.

Министерството и општините се задолжени од Владата да изработат план за квалитет на воздух и краткорочен план за подобрување на квалитетот на воздухот, а онаму каде има индикации дека квалитетот на воздух се влошува да изработат исто вакви планови. Мерење на квалитетот на воздухот ќе се врши со мобилни апарати и во општините каде што тоа сега не се прави.

Со мерките се препорачува Македонски шуми да продолжи со садење дрвја.

Мерењата на Министерството за животна средина од шест часот утрово покажуваат многу високо ниво на концентрација на ПМ10 кај мерните станици за Центар, Лисиче и Ректорат. Високо ниво има и во Карпош, Кичево и Тетово. Во Центар, Лисиче и Ректорат концентрацијата е над 180 микрограми ПМ10 на метар кубен. Максимално дозволена концентрација на ПМ 10 во воздухот е 50 микрограми на метар кубен.