Продолжува бранот бегалци и мигранти од Турција кон грчките острови

Бегалци и мигранти продолжуваат да пристигнуваат од Турција во Грција, откако во послените 24 часа на грчките острови пристигнале 126 лица – 99 на Хиос и 27 на Самос.

Само во последните три дена секојдневно на грчките острови пристигнувале по околу 85 луѓе.

Според податоците на владиниот координативен орган за управување со бегалската криза, во Грција биле регистрирани 57.047 бегалци, од кои 9.919 на островите во источниот дел на Егејското Море, каде во организираните центри има 7.450 места.

Моментно најголем проблем има на островот Хиос, каде се наоѓаат 2.888 бегалци и мигранти, а местата во центрите се само 1.100, пишува весникот „Катимерини“.

Во меѓувреме, Меѓународната организација за миграции соопшти најнови податоци, според кои од почетокот на годинава во Грција пристигнале 160.888 мигранти и бегалци.