Продолжува расправата за Предлог буџетот

Во Собранието на Република Македонија  денеска треба да продолжи расправата за Дополнетиот предлог на буџетот за 2016-та година.

Расправата за предлог буџетот почна вчера,  а според предлогот, вкупните расходи се проектирани на 195.788 милиони денари, кои се за 4,7 проценти повисоки од оние во 2015 година, а вкупните приходи се проектирани на 176.804 милиони денари каде има зголемување за 6 проценти во однос на 2015 година.

Основни карактеристики на буџетот за 2016 година според предлагачот се намалување на буџетскиот дефицит од 3,6 отсто оваа година на 3,2 проценти следната година и зголемување на средствата за пензии, социјална помош и капитални инвестици, со цел да се поттикне развојната компоненета на буџетот.

На приходната страна се очекува даночните приходи да имаат раст од 6,5 проценти и да изнесуваат 101.531 милион денари, неданочните се планирани на 9.633 милиони денари и се за 519 милиони повеќе, а придонесите да имаат раст од 4,2 проценти и да изнесуваат 49.187 милиони денари.

На расходната страна, покрај средствата предвидени за повисоки пензии и социјални додатоци, се предвидени средства повисоки за 3,3 проценти за платите или 25.906 милиони денари, за стоки и услуги се проектирани 19.618 милиони денари или 3,5 проценти повеќе од 2015 година, обезбедени се средства за изборите во април 2016 година, како и за трансфери. За здравствена заштита се предвидени 1.334 милиони денари, предвидени се зголемени трансфери за единиците на локалната самоуправа за обезбедување рамномерен регионален развој, како и 141 милион евра за субвенции за земјоделците. Капиталните расходи се проектирани на 25.092 милиони денари и се за 12,9 проценти повеќе од оние во 2015 година. Растот на економијата се очекува да биде 4 проценти од БДП, а инфлацијата 2 проценти.

Расправата за буџетот, согласно собранискиот деловник трае пет дена.