Продолжува соработката со НАТО за развој на македонското воено образование

Цврсто сум убеден дека во денешното време исполнето со хибридни закани, образованието е најважната вредност која можеме да ја имаме и унапредуваме, истакна во четвртокот  заменик-министерот за одбрана, Беким Максути на средбата со тимот од НАТО-програмата за унапредување на образованието во одбраната.

Посетата на тимот од оваа значајна НАТО програма е дел од веќе воспоставениот процес на соработка и вклучување на Македонија во оваа Програма.

Соработката е иницирана од Министерството за одбрана, по што следеа писмото за известување за прием на Македонија во оваа програма од генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг и средбата на министерката Радмила Шекеринска со Павел Анастасов од Дивизијата за политички работи и безбедност на НАТО, како координатор на соработката со Македонија, во текот на септември.

Заменик-министерот Максути на средбата истакна дека еден војник е комплетен не само ако има добра опрема и обука, туку и квалитетно образование. Тој рече дека еден од приоритетите на Министерството е развој на Воената академија  и унапредување на квалитетот на нашите офицери. „Имаме предизвици пред нас, имаме и простор за подобрување и ја поздравуваме вашата подготвеност за помош во оваа област“, додаде заменик-министерот и посочи дека Министерството и тој лично се отворени за секаква поддршка во процесот на утврдување на потребите, но и при самиот развој на научно-наставниот процес.

Координаторот на соработката со Македонија, Анастасов, рече дека брзината на развојот на соработката од иницијалниот влез на Македонија во програмата до посетата на тимот за утврдување на потребите на военото образование покажува дека Македонија праќа јасна порака дека оваа соработка е нејзин врвен приоритет. Тој истакна дека Воената академија била исклучително отворена за соработка и дека веќе се детектирани неколку засебни области кои ќе бидат цел на програмата – институционалниот развој, развојот на Академијата, нејзиниот кадар, наставно-научниот процес и програмата по која се предава, процесот на оценување и надградба на практиките за предавање.

Тимот од НАТО – Програмата за унапредување на образованието во одбраната денеска ќе има и завршни средби со претставниците на Воената академија, по што следува утврдување на конкретните активности за поддршка на военото образование во Република Македонија.