Продолжуваат меѓупартиските разговори за надминување на кризата

Поради отсуството од земјата на амбасадорот на ЕУ Аиво Орав, кој е на консултации во Брисел, денес претставниците на четирите политички партии се сретнаа во резиденцијата на американскиот амбасадор во Скопје Џес Бејли.

На средбата присуствуваат Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ,  Радмила Шеќеринска од СДСМ, Артан Груби од ДУИ и Имер Алиу од ДПА. Од Канцеларијата на ЕУ беше најавено присуство на заменикот на Орав.

Тодоров, кој ја преставува ВМРО-ДПМНЕ на меѓупартиските разговори, изјави дека очекува да биде постигнат договор на денешната средба.

Се разговара за ингеренциите на министерот за внатрешни работи и за тоа до кога министрите предложени од опозицијата ќе бидат во Владата. ВМРО-ДПМНЕ бара доколку СДСМ изгуби на изборите, нивните министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика и дополнителните заменици-министри да се повлечат веднаш после изборите, а доколку победи за тоа нема потреба. ВМРО – ДПМНЕ бара оневозможување на масовни партиски промени во МВР односно да нема масовни партиски чистки во МВР, рече Тодоров, по доделувањето акредитации на првите три здравствени установи.

По средбата во петокот американскиот амбасадор Бејли изјави дека бил постигнат извесен напредок и најави дека разговорите ќе продолжат следната недела.

Имавме уште една добра сесија денеска. Постигнавме одреден напредок. Зборувавме за многу чувствителни прашања и одлучивме да им оставиме простор на партиите да размислат  во текот на викендот. Ќе ги продолжиме разговорите следната недела. Останувам оптимист дека доколку постои политичка волја овие прашања може да се решат и дека Македонија ќе може да оди напред, рече Бејли.

Тој посочи дека заедно со евроамбасадорот Орав сакаат да видат напредок и оти остануваат оптимисти дека тоа сеуште е можно и затоа е важно, вели,да им се даде и малку повеќе време на партиите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.