Продолжуваат протестите во Венецуела по 38-та жртва

Околу илјада противници на социјалистичкиот претседател Николас Мадуро, облечени во црнина со цвеќе и знамето на Венецуела, ѝ одадоа почест во четвртокот на 38-та жртва од протестите кои ја потресуваат оваа латиноамериканска држава веќе шест седмици.

„Сити сме од насилствата, никој повеќе не смее смртно да настрада“, пишуваше на транспарентот на еден од демонстрантите во главниот град Каракас со кој му се одаваше почест на 27-годишниот Мигуел Кастиљо, убиен во средата со огнено оружје во текот на протестот што предизвика судири со силите за одржување на редот.

Венецуелскиот претседател Николас Мадуро изјави во четвртокот дека ќе поведе истрага за причините за смртта на демонстрантот и ја обвини опозицијата дека води „вооружен бунт“ и оти таа ќе биде одговорна за овие жртви.

Политичката и економската криза во Венецуела се зголеми од почеткот на април, кога започнаа протестите на опозицијата којашто бара предвремено отстапување од должноста на претседателот Мадуро.

Во овој бран протести и насилства веќе загинаа 38 луѓе, а повеќе стотици се повредени или ранети.

Вкупно приведени се 1.990 лица, од кои 650 се задржани во затвор, според невладината организација Foro Penal којашто го осудва фактот дека на еден дел од нив им е судено, и тоа според неа незаконски, пред воен суд.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.