Продолжуваат средбите за законот за информативни и рекламни кампањи

Продолжуваат средбите за законот за информативни и рекламни кампањи на јавните институции. На денешната средба со претставниците на регионалните и локалните телевизии и радија најавено е присуство на министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска.

Вчера за новиот предлог закон беше одржана средба со претставници на телевизиите на државно ниво преку оператор на јавна електронска комуникациска мрежа, на телевизиите на државно ниво преку сателит и на националните радија.

Од ресорното Министерство најавуваат дека и во следните денови ќе се одржуваат вакви брифинзи на кои ќе бидат поканети сите субјекти на кои се однесува законот. Целта, како што истакнуваат, е да се пренесат и доближат предложените законски решенија, но исто така и да се слушнат конструктивни забелешки и предлози за унапредување на предложениот закон.