Македонија

Продолжуваме да инвестираме во подобрување на патната инфраструктура

Продолжуваме да инвестираме во подобрување на патната инфраструктура

Претседателот Никола Груевски денес ги пушти во употреба локалните патни правци Брвеница-Долно Седларце, Брвеница-Челопек и Јегуновце-Ратае.

Пат Брвеница-Долно Седларце

Ова, како што рече во обраќањето пред собраните жители на селата, е реализирање на уште едно од владините ветувања.

Вкупната вредност на трите патни правци, кои се од големо значење за жителите на Долно Седларце, Брвеница, Челопек, Јегуновце, Ратае и другите околни села во Полошко, е 16 милиони денари. Дополнително е завршена и целосната санација на мостот во село Сиричино, во вредност од 13 милиони денари.

Во периодот што следи, ќе продолжиме да инвестираме во подобрување на патната инфраструктура во Полог. Вложени ќе бидат преку два милиона евра за реконструкција и надградба на околу 20 километри патишта меѓу кои и надградбата на коловозот на регионалниот пат Тетово-Попова Шапка кој оваа година го реконструиравме во должина од еден километар, а таквата реконструкција ќе продолжи и во наредните две години, истакна премиерот Груевски.

Минатиот месец, додаде, е склучен договор за реконструкција на регионалниот пат Тетово-Брвеница-Чегране-Гостивар. Градежните работи се очекува да почнат наредните денови и да траат девет месеци. Инвестицијата во реконструкција на овој пат изнесува 1,78 милиони евра.

Во наредниот период ќе продолжиме да инвестираме и во реконструкција на патот Тетово-Пирок-Гостивар. Минатата и оваа година е реконструиран дел од патот во должина од 4,2 километри, а во наредните две години ќе се реконструира и преостанатиот дел, информира Груевски.

Според него, во делот на патната инфраструктура во полошкиот регион изминатите три години се изградени, реконструирани и модернизирани над 90 километри локални и регионални патишта за што се инвестирани повеќе од 11 милиони евра. Само во Тетово лани се вложени 4,5 милиони евра за реконструкција и модернизација на 30 километри локални и регионални патишта.

Пат Јегуновце-Ратае

Патот Брвеница-Челопек беше еден од најоштетените во овој регион. Ветивме дека ќе преземеме нешто околу негова санација и ветувањето е исполнето. Еден дел од патот е направен и жителите веќе може да ја осетат разликата. Возењето е посигурно, нема оштетување на возилата и патувањето е побрзо. Во наредниот период ќе изнајдеме начин да го санираме и останатиот дел од овој пат, подвлече премиерот.

Груевски потенцира и дека Владата ќе продолжи со санирање на штетите од поплавите во Полошко. Во оваа насока, рече, вчера се донесени конкретни мерки за поддршка.

Изразувајќи благодарност за локалниот пат Брвеница – Долно Седларце, градоначалникот Енвер Бајазити подвлече дека сето ова се прави со помош на централната власт, со единствена цел – да се подобрат условите во општината.

На пуштањето во употреба на патиштата присуствуваа и министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, како и директорот на Агенцијата за државни патишта Александар Стојанов.

G1

Пат Брвеница-Челопек

Претходно, премиерот Груевски во придружба на Мисајловски, како и на вицепремиерот Владимир Пешевски и министерот за одбрана Зоран Јолевски ги посети селата Шипковица и Мала Речица кои претрпеа најголеми штети од поплавите.

Груевски информираше за вчера донесените владини мерки за поддршка на населението и за претстојните активности за целосно санирање на последиците.

Во Мала Речица жителите изразија задоволство од досегашните активности на надлежните институции и стручните тимови. Груевски во разговорите со нив оцени дека засега има доволно механизација, а ќе се обезбеди и дополнително доколку е потребно.

Пешевски и Јолевски од Мала Речица заминаа за Доброште во обиколка на теренот и разгледување на состојбите.

Премиерот Груевски, пак, замина за населеното место Требош каде ќе го посети објектот „Везе Шари“.