вторник, 30 мај 2017  |  Вести денес: 6

Продолжување и продлабочување на соработката меѓу Јапонската меѓународна агенција за соработка и Македонија

Јапонија е еден од најголемите билатерални донатори на Република Македонија и JICA има посебно место и улога на овој план, за што Македонија искажа благодарност

ivanov

Последни вести

Во рамки на учеството на Светскиот економски форум за Блискиот iсток и Северна Африка, претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов се сретна со заменик претседателот на Јапонската меѓународна агенција за соработка (JICA), Кеничи Томијоши. На средбата, како што информираат од Кабинетот на претседателот, беа разменети мислења за можностите за соработка меѓу Република Македонија и JICA во сферите од заеднички интерес.‎

Иванов односите со Јапонија ги оцени како одлични, посочувајќи дека со отворањњето на амбасадите на Македонија во Јапонија и на Јапонија во Македонија, очекува интензивирање на политичкиот дијалог и збогатување на севкупната соработка. Јапонија е еден од најголемите билатерални донатори на Република Македонија и  JICA има посебно место и улога на овој план, за што Македонија искажа благодарност.

На средбата се разгледани можностите за продолжување на поддршката за Република Македонија во областите на животната средина и кризен менаџмент со природни катастрофи, како и за можноста за отворање регионална канцеларија на  JICA во Република Македонија.

На Светскиот економски форум за Блискиот Исток и Северна Африка  учествуваат над 1000 политички лидери, претставници од бизнис секторот и цивилното општество, од повеќе од педесетина држави, меѓу кои кралот на Шпанија Фелипе VI, ирачкиот претседател Фуад Масум, египетскиот претседател Ал Сиси, високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и заменик-претседател на Европската комисија Федерика Могерини, комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на ЕУ Јоханес Хан, холандскиот министер за надворешни работи Берт Коендерс, норвешкиот министер за надворешни работи Борге Бренде, словачкиот министер за надворешни работи Мирослав Лајчак и други.

Учесниците на форумот во Аман дискутираат на повеќе теми, меѓу кои улогата на Кралството Јордан во регионот, економските перспективи на земјите од овој регион, промените во геополитиката и хуманитарните предизвици во однос на состојбите во Сирија, Ирак и Либија, како и актуелната мигрантската криза.

Најчитани вести