Проект: Мал број компании вработуваат лица со посебни потреби

Оттаму истакнуваат дека иако во изминатите години биле донесени низа позитивни мерки за вработување на лица од оваа категорија реалноста говори дека е многу мал бројот на фирми кои ги користат поволностите кои ги нуди државата, а не ретко има и ситуации во кои работодавачите ги вработуваат само за да ги искористат бенефициите кои следуваат од државата.

– Следејќи ги статистичките податоци за бројот на невработени лица со посебни потреби за жал може да заклучиме дека од година во година очигледен е растот на бројот на лица со посебни потреби кои бараат работа, но, не наидуваат на вработување од страна на домашните компании. Во рамки на нашиот проект правиме напори и ќе реализираме низа на активности во соработка со нашите партнери од Здружението на студенти и младинци со хендикеп со цел подобро разбирање на состојбата на лицата со посебни потреби и изнаоѓање на што поголем број можности за унапредување и вработување на лицата од оваа категорија, укажуваат од проектниот тим.

Во рамки на овој проект биле отворени четири Инфо-точки во кои ќе работаат четири службени лица и тоа две во Скопје и по едно во Велес и Кавадарци во временски период од шест месеци каде со директни контакти ќе се остваруваат советодавни и информативни средби на лицата со посебни потреби и работодавачи.

Споредбено со мерките кои ги практикуваат земјите членки на Европската унија, велат од проектниот тим Македонија воопшто не заостанува во нивно следењето.

– Со закон во земјата се предвидени мерки за подобрување на условите за вработување и работење на инвалидно лице, а опфаќа доделување неповратни средства за вработување на неопределено време на невработено инвалидно лице, адаптација на работното место на кое ќе работи инвалидното лице доколку таа е потребна и набавка на опрема според критериумите и на начин утврден со акт на министерот за труд и социјална политика, ослободување од даноци и обезбедување на средства за придонеси и финансиска поддршка во работењето, се вели во соопштението.

Од проектниот тим сметаат дека доколку се земат предвид сите овие позитивни поволности и мерки за да се намали бројот на невработени лица со посебни потреби, очигледна е потребата од зголемување на свесноста на домашните менаџери и компании за потребата од обезбедување на работни места за лицата со хедикеп.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.