Проект „МузеумЛинк 2016“: Ќе се збогатува културната понуда во повеќе градови

Директорот на Музејот на Град Скопје, Љубен Тевдовски истакна дека идејата на проектот е да направат силна врска меѓу локалните музеи, локалните институции.

– Преку заедничка соработка на речиси 20 музеи ќе направиме една активност која на публиката во сите македонски градови ќе им ја збогати културната понуда. Во исто време ќе изградиме посилни ресурси за нашите локални институции и за сите музеи во Република Македонија, рече Тевдовски.

Кустос советникот во Музејот на Град Скопје и автор на проектот, Јасминка Намичева рече дека целта е да го збогатат културното живеење на граѓаните и надвор од Скопје.

Посочи дека вклучувањето на музеите од другите градови во проектот била идеја која долги години била потреба на Музејот на Град Скопје, затоа што во текот на една година имаат многу интересни изложби кои би имале можност да ги претстават и пред граѓаните во другите градови.

– Затоа се договоривме со колегите од музеите дека со релативно мали трошоци би можеле да претставиме многу интересни концепти надвор од Скопје, а од друга страна имаме потенцијал сиот материјал кој како музејски материјал се наоѓа во останатите музеи во државата, да го презентираме во различни изложбени концепти пред граѓани во останатите држави, додаде Намичева.

Музејот на Град Скопје минатиот месец го промовираше проектот „АртЛинк 2016“, со цел вмрежување на претставниците на креативните уметности во Македонија.