Проект сто бачила

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков денеска во Мариово имаше средба со овчарите од цела Македонија.

Со 20-ина најголеми производители на овчо месо и млеко во земјава разговараше за состојбите во овчарството, за субвенционирањето и за проектите што треба да се направат за да се развива оваа сточарска гранка.

– Денеска сме овде на едно од поголемите мариовски бачила и состанокот е со цел да се запознаам со проблемите што ги имаат македонските производители на овчо месо и млеко. Во Македонија околу 9 500 стопанства се занимаваат со овчарство, а земјава сега располага со фонд од 750 000 овци. Со годините е намален, ако се знае дека во 80-ите години од минатиот век фондот бил 2 милиона овци. Но од 2007 година, кога почна да се субвенционира овчарството, се запре намалувањето на бројот на овците. Сега имаме и благ пораст на овчарството, зашто директно се субвенционира. За секоја овца се дава по 1.000 денари годишно, за секое оставено женско јагне по 700 денари и по 500 денари субвенција за автохтона сорта што се чува, изјави Цветков.

Министерот за земјоделство нагласи дека иако со мали задоцнувања, на сточарите во целост им се исплаќаат субвенциите. Ќе бидат обесштетени и сточарите кои имаат угинати овци од болеста син јазик.

– До крајот на април договорено е да бидат исплатени сите сточари, како за млекото така и за сите други субвенции. Што се однесува до овчарите кои претрпеа штети од болеста син јазик кај овците, со заклучок на Владата на овчарите ќе им бидат исплатени по 4.000 денари за секоја угината овца и за 20 000 глави овци кои угинаа од болеста ќе бидат исплатени вкупно 80 милиони денари. До крајот на мај ќе бидат исплатени сите средства, рече Цветков.

Министерството за земјодество и Министерството за финансии работат на изнаоѓање мерки да се воспостави доверба меѓу сточарите и откупувачите за сигурен откуп на месото и млекото. Цветков најави дека Министерството за земјоделство годинава планира да го реализира проектот со обновување на инфраструктурата на 100 пасишта, односно општествени бачила.

– Проектот опфаќа 100 пасишта, односно бачила во општествена сопственост до кои треба да се донесе вода, струја, да се направат громобрани и да се оспособат за да ги користат производителите. За овој проект се обезбедени еден милион евра. Ако сакаме да го развиваме овчарството, треба да направиме услови, рече Цветков.

Претседателот на Асоцијацијата на земјоделците Евтим Шаклев смета дека производителите на овчо месо и млеко мора да ги решаваат проблемите што ги имаат со откупот на јагнињата и да се слушнат предлозите на владата да се поттикнат младите луѓе да се занимаваат со сточарство.

– Сакаме да ги разгледаме предлозите на владата е да се искористат напуштените пасишта и со субвенционирањето за глави овци, со поволни кредити да се поттикнат младите луѓе да се вратат во напуштените села и да создадат бизнис. Има поволни кредити со камата од три насто, се доделуваат неповратни средства што ветува дека може да се поттикне развојот на овчарството во земјава. Сточарството ќе се развива и ако имаме цврсти договори со откупувачите на месо и млеко. Откупувачите се однесуваат монополски и моментално цената на откупот на јагне жива мера е 150 денари од килограм, изјави Шаклев.