Промовиран проектот „Родум од Македонија“

Промовиран проектот „Родум од Македонија“

Четворица млади луѓе од САД и Канада кои имаат потекло од Македонија се првите на студиски престој во земјата во рамки на проектот „Родум од Македонија“ што го организираат Обединетата македонска дијаспора и Македонскиот центар за меѓународна соработка.

Примарна цел на овој проект, како што информираат организаторите, е младите Македонци кои се родени и живеат надвор од државата да го запознаат нивното културно наследство и да воспостават контакти и пријателства меѓу себе и со нивните врсници во Македонија, пренесува МИА.

За време на нивниот престој тие ќе живеат во семејства-домаќини и одблизу ќе можат да го видат секојдневието и културата на Македонците.

Проектот е осмислен и развиен од Питер Далас, член на Советот на ОМД, кој е роден во САД, а има потекло од Гевгелија и Егејска Македонија.

– Се надеваме дека ова ќе биде придонес за развој на Македонија дека ќе ги зближи врските на дијаспората со матичната земја, а тоа ќе придонесе за развој на Македонија во целост, изјави Далас.

За време на тринеделниот престој во Република Македонија Наташа Калајџиоски, Лукас Стрезов, Арон Кинсон и Филип Јотевски ќе работат во Институтот за демократија, невладината Аналитико, првата детска амбасада Меѓаши и во Кабинетот на министерот Џери Наумоф.