петок, 25 ноември 2016  |  Вести денес: 64

Проект за енергетска ефикасност на компаниите

Со проектот се опфатени 13 компании, приватни, државни и една комунално-општинска. Сите тие поминаа три модули на обука, а вкупно четири веќе покажуваат заштеда од два до пет проценти без какви било пообемни инвестициски вложувања, преку мерки за оптимизација и подобрено одржување и контрола на работењето.

Проект за енергетска ефикасност на компаниите

Проект за енергетска ефикасност на компаниите

Последни вести

До крајот на 2016 година бројот на компании што штедат енергија да се зголеми, но да се зголемат и реалните заштеди во фирмите, е целта на проектот „Поттикнување на пазарната трансформација за енергетска ефикасност во индустријата и забрзување на инвестициите во најдобри практики и технологии“.

Како што беше речено на денешната прес-конференција во Стопанската комора на Македонија, со проектот се опфатени 13 компании, приватни, државни и една комунално-општинска. Сите тие поминаа три модули на обука, а вкупно четири веќе покажуваат заштеда од два до пет проценти без какви било пообемни инвестициски вложувања, преку мерки за оптимизација и подобрено одржување и контрола на работењето.

– Со проектот сакаме и на поголемите компании кои водат сметка за енергетската ефикасност, да им укажеме на поинакви начини, со нова методологија, да го подобрат работењето, да се ослободат од технолошкото слепило и да се насочат кон алтернативните начини на штедење, истакна Ана Петровска од Регионалниот центар за животна средина и координатор на Глобалниот еколошки фонд (ГЕФ) кој го финансира проектот со 1,4 милиони американски долари.

Проектот, како што информира Петровска, почна во мај 2015 и ќе трае до август 2018, а има три компоненти. Првата се однесува на јакнење на политиките и законодавството за енергетската ефикасност во индустријата, вториот предвидува поддршка на пазарот за примена на најдобри практики и технологии за енергетска ефикасност и еколошка одржливост на индустриските компании, додека третиот влијае на стапката на инвестиции во технологии за енергетска ефикасност.

Проектот е поддржан од министерствата за животна средина и за економија, Агенцијата за енергетика, Регионалниот центар за животна средина, УСАИД и Македонската банка за поддршка на развојот. Го спроведува УНИДО кој воедно финансиски учествува со 5,9 милиони долари.

Според Петровска, не е исклучено да се реализира уште еден проектен циклус, зависно од интересот на компаниите, но и од претприемачкиот дух на обучените консултанти. Доколку тоа се реализира, опфатени ќе бидат уште 13 компании.

Заштедите на енергија и генерално енергетската ефикасност во индустријата, подвлече Петровска, не подразбира само зголемување на конкурентноста, туку значи и отворање нови работни места.

Најчитани вести