Проект за поуспешно децентрализирано управување со ЕУ-фондовите

Проектот вреден 250.000 евра, во времетраење од шест месеци ќе го спроведува експертски тим од Министерството за финансии на Литванија како земја партнер, во соработка со македонското Министерство за финансии. Се очекува проектот да придонесе за зајакнати капацитети и ефикасност на административните структури за децентрализирано управување со фондовите на ЕУ и поодбрена ефикасност на сметководствениот систем преку подобрена евиденција на сметководствените трансакции, извештаи, контрола и процедура за корекции.

Никола Бертoлини, шеф за соработка во Делегацијата на ЕУ, истакна дека проектот доаѓа во клучен момент и ќе придонесе за подобра подготвеност на раководните структури во однос на апсорбцијата на ЕУ-фондовите.

На новинарско прашање за скратените средства за РМ од ИПА фондовите тој немаше одговор, но нагласи дека е потребно многу работа за да се апсорбираат сите фондови што и се достапни на земјата.

– Кусокот на средствата беше одговор на немањето политичка заложба. Но од друга страна имаме ситуација во која фондовите не се целосно апсорбирани. Во мојата сфера на активност ќе обезбедиме фондовите што се распределуваат тука да бидат апсорбирани почнувајќи од следниот месец, рече Бертолини.

Според Фатмир Адеми, проект – лидер од земјата-корисник, овој шестмесечен проект индиректно ќе влијае на надминување на забелешките во ревизорските извештаи, односно да се подобри изготвувањето на финанските извештаи што ќе доведе и до подобра апсорбција на средвствата од ИПА.

Аушра Балиукониене, проект-лидер од земјата партнер, истакна дека Литванија е меѓу петте земји во ЕУ според искористеноста на ЕУ фондовите и има големо искуство, а нивните најдобри практики се применливи во Македонија. За Радица Кочева од Министерство за финансии, Литванија е  избрана за партнер во проектот поради успешната соработка на претходно спроведен проект во 2010 година.

– Како Министерство за финансии во фазата на програмирање за ИПА 2 се одлучивме за твининг инструментот бидејќи заклучивме дека соработката и интеракцијата со службеници кои доаѓаат од исти или слични институции од некоја земја членка на ЕУ е драгоцено и токму заради нивното практично искуство во спроведувањето на исти такви проекти сметаме дека тоа ќе обезбеди голема  додадена вредност на нашето работење и да обезбеди драгоцени резултати, рече Кочева.

Проектот треба да започне да се спроведува во октомври, а да заврши во февруари.