Проект за практикантска работа и вработување луѓе со попреченост

Во медиотеката на локалната библиотека „Гоце Делчев“ во Велес, УСАИД во соработка со општина Велес ќе го организира четвртиот регионален промотивен настан на кој ќе бидат претставени проектните активности и успешните приказни на лица со попреченост кои се вработиле или добиле практикантски ангажман преку проект на оваа меѓународна организација, пренесува МИА.

Поканети се претставници од општините од Вардарскиот регион, како и од компании, невладини организации и јавни институции.

Проектот на УСАИД за практикантска работа и вработување на лица со попреченост има за цел да ја зголеми социјалната инклузија и учеството на лицата со попреченост во целните региони поддржувајќи го нивното вработување и зголемувајќи ги економските можности.

Ова цел се остварува со подобрување на нивните вештини за вработување преку организација на пракси и обуки, како и учество во кампањи за подигнување на јавната свест со што ги прави овие прашања повидливи за приватниот сектор и локалните заедници.

Проектот започна во август 2012 година и ќе трае четири години. Помошта од проектот е наменета за лицата со попреченост од Скопје, Велес, Куманово, Штип, Пробиштип, Свети Николе, Тетово, Гостивар, Струга, Дебар и Кичево.