Проектите порано трпеле за сметка на платите, сега се на исто ниво

Ако пред една деценија државата од буџетот трошела три пати повеќе пари за плати и надоместоци отколку за капитални инвестиции, сега соодносот е речиси еден спроти еден.

Дневник анализира- Во 2004 година за плати на јавната администрација биле потрошени 350 милиони евра, а за капитални инвестиции 118 милиони. Сумата за плати тогаш вредела 30 отсто од вкупниот буџет, а за капитални инвестиции се трошеле десет отсто од вкупните расходи.

-Во буџетот за 2013 година, последен целосно реализиран, за плати биле потрошени 366 милиони евра, а за капитални инвестиции 270 милиони. Платите изеле 12,9 отсто од вкупните расходи, а инвестициските проекти 9,5 отсто. Според проекциите, пак, во 2015 година Владата планира јавната администрација да ја плати со 400 милиони евра, а за капитални вложувања да издвои 340 милиони.

Анализата на буџетите по години впрочем покажува континуиран раст на сумата за капитални инвестиции, а на исто ниво се задржуваат расходите за плати и за надоместоци. Процентуалното учество на овие две ставки во буџетот сепак се намалува кај платите, а се зголемува кај капиталните вложувања. Во меѓувреме растат и вкупните буџетски расходи, објави Дневник.

Предвидените пари да се потрошат

Анализата по години на соодносот на овие две ставки во вкупниот буџет покажува дека најголем раст на капиталните инвестиции има во 2008 година кога всушност за оваа намена од буџетот се потрошиле 323 милиони евра, што е 13,5 отсто од вкупните буџетски расходи. Истата година платите и надоместоците државата ја чинеле 338 милиони евра или 14 отсто од вкупниот буџет. Во оваа година парите потрошени за такви проекти се речиси тројно поголеми од, на пример, 2004 година. Во 2012 година, пак, за плати се потрошени 375 милиони евра, а за капитални инвестиции 347 милиони евра.

Универзитетскиот професор Томе Неновски вели дека е добро да се зголемува сумата за капитални инвестиции, кои впрочем придонесуваат за поголем економски раст.

– Секогаш истакнувам дека најсуштински се трошењата за проекти кои во иднина на земјата ќе и донесат економски раст, а такви се капиталните инвестиции во патишта, железница, енергетски проекти и слично. Kолку и да се предвидени пари за оваа намена, најдобро е сите да се потрошат, па макар и веднаш во првиот квартал. Во спротивно, постои опасност тие да се први на удар кога ќе дојде време за ребаланс на буџетот,  вели Неновски за весникот.

Споредбата на буџетите по години покажува дека парите издвоени за капитални инвестиции од година на година значајно се зголемуваат, но процентот за овие проекти во вкупниот буџет никогаш не бил повисок од 15 отсто.

Целиот текст прочитајте го на Дневник

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.