Проектот „Македонија вработува 2” претставен пред кавадарчани

Менка Гугулевска од Агенцијата за вработување на Република Македонија синоќа во Кавадарци го презентираше новиот проек „Македонија вработува 2”, кој е продолжение на проектот „Македонија вработува 1”.
Овој закон, нагласи таа, е со траење од една година и им овозможува на различни групи невработени лица да се стекнат со вработување,  а фирмите добиваат можност при вработување на нови лица,  да бидат ослободени од задолжително социјално осигурување за нив.
Според неа, се работи за пет групи на невработени, кои добиваат можност да се вработат, а заинтересираноста за користење на мерките е голема.Потсети дека на ниво на држава  преку „Македонија вработува 1”  се вработиле околу 19 илјади лица. Од нив, најмногу од категоријата до 35 години, меѓутоа не заостанувале и вработувањата од другите категории невработени лица.
Кога се во прашање општините Кавадарци и Росоман, во рамки на „Македонија вработува 1”, во кавадаречкиот центар за вработување пристигнале 240 апликации, а се реализирале 374 вработувања.
Како што информираше раководителот Благојчо Борисов, најголем дел од вработувањата биле во помалите фирми бидејќи поголемите биле во подобра кондиција и помалку го користеле овој закон. Најмногу се вработиле лица до 35 години.
Со „Македонија вработува 2”, очекуваат надминување на таа бројка на вработувања.
– Ние сме меѓу првите општини по вработувања во Македонија. Тука се германската фабрика “Дрекслмаер” и други компании кои вработуваат. Така да секој што сака да работи  во Кавадарци може да најде во секој  момент работа,  полека  доаѓаме до недостаток на работна сила, нагласи Борисов.
Тој истакна дека во моментов стапката на невработеност во Кавадарци изнесува околу 12.5 проценти.