Проектот„ Македонија вработува“ доби поддршка од социјалните партнери

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов заедно со социјалните партнери од Економско-социјалниот совет денес ја информираше јавноста за усвојувањето на пакетот нови мерки за вработување.

– На денешната седница на ЕСС на Република Македонија пакетот на  мерки кој што го носи „Македонија вработува“ беше едногласно усвоен од страна на социјалните партнери односно и на претставниците на синдикатите и на претсставниците на организациите на работодавачи. Следува следната фаза односно пакетот на закони оди во Собраниска процедура. Верувам дека во текот  на овој месец ќе бидат прифатени од страна на Собранието на Република Македонија и ќе бидат ставени во функција овие низа на мерки за поттикнување на вработувањето, значително олеснување за приватните компании со цел да отворат нови работни места, меѓутоа и значително зголемување на  конкурентноста на пазарот на трудот на ранливите категории на граѓани и на оние на кои што се повозрасни, над 50 и над 58 години, меѓутоа и значителна поволност за помладите односно  за оние до 35 години, рече Спасов.

spasovvv (2)

Според Спасов со овие мерки се постигнува  голем опфат на невработени лица кои што ги исполнуваат критериумите и влегуваат во групата на невработени кои што би можеле во иднина да ги искористат овие мерки за вработување.

– Би сакал да ги поттикнам сите невработени после стапување во сила на овие мерки, да учествуваат и аплицираат на сите јавни повици кои што ќе бидат отворени од приватните компании и исто така да ги поканам приватните компании да земат учество во реализацијата на  овие мерки за кои што верувам дека значително ќе придонесат во намалување на невработеноста во Република Македонија во период од една година, за период колку што ќе траат овие мерки за вработување, нагласи Спасов.

Министерот нагласи дека овие мерки приватните компании  ќе може да ги искористат во период од една година и ќе влијаат на намалување на невработеноста, реално ќе придонесат за отворање на нови работни места и реално ќе влијаат на подобрувањето на животот на илјадници граѓани на добивање на соодветно работно место и остварување на редовни приходи како резултат на извршената работна задача и извршените работи за кои што ќе бидат ангажирани.

– Верувам дека ќе придонесе за подобрување на животот на илјадници граѓани во нашата држава, заврши Спасов.