Проектот „Македонија вработува“ досега вработи 9.600 лица

Со владината програма „Македонија вработува“ досега се отворени 9.600 работни места.

Ова е значајна бројка, а невработените имаат значително поголеми можности и шанса да се вработат преку поволностите кои што се нудат со овој проект, изјави денеска заменик-министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Тој при посета на капацитетите на компанијата „Империјал“ која има 300  вработени, истакна дека таа фирма  е успешен пример за развој и користење на владините мерки со кои досега има анагажирано осум работници.

Според директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Попоски, „Империјал“ учествува и во неколку други мерки кои ги предлага Агенцијата. Во наредниот период ќе почне мерката за обука на 20 лица кај познат работодавач, а по обуката компанијата може да ги задржи и вработи според мерката Македонија вработува, со оглед на потребата на компанијата, изјави Попоски.

Од компанијата „Империјал“ велат дека имаат потреба од дополнителен кадар, бидејќи шивачката професија е дефицитарна на пазарот на труд.

Ги користиме субвенциите и досега имаме осум вработени, а во тек е и посредувањето преку Центарот за вработување во Тетово за прием на дваесет лица за програмата Обука кај познат работодавач. Нашиот оглас е постојано отворен и за лица за обука но и за лица со работно искуство, изјави Александар Кузманоски од компанијата „Империјал“.

Од Министерството за труд и социјална политика истакнуваат дека има резултати од мерките за вработување и ги поттикнуваат сите компаниите во земјава да се вклучат во овој проект, што ќе продолжи до крајот на април следната година.

Со тоа ќе се помогне на невработените побрзо и полесно да најдат работа, а компаниите да го прошират својот бизнис користејќи ги поволностите од проектот Македонија вработува, истакнуваат од ресорното Министерство.