Проектот „Наш специјалист“ продолжува во Неготино и Свети Николе

Министерството за здравство, почнувајќи од денес во Здравствен дом Неготино со патен налог ќе се упатуваат доктори-специјалисти од областа на ортопедија и интерна медицина, кои ќе вршат амбулантски прегледи секоја сабота од 08 до 15:30 часот, додека во Здравствен дом Свети Николе, со патен налог ќе се упатуваат специјалист-ортопед и специјалист-уролог, кои во оваа здравствена установа ќе работат секоја сабота од 08 до 15:30 часот. За таа цел, веќе се креирани термини во системот МојТермин.

Овој проект е воведен со последните измени на Законот за здравствена заштита, со кои се овозможува Министерството со патен налог да упатува доктор-специјалист од една во друга јавна здравствена установа, врз основа на претходно извршена анализа од кои специјалности има најголема потреба во одредени градови, односно за кои специјалистички прегледи пациентите најчесто се упатувани во други градови.

Според податоците од системот МојТермин, во изминатиот период од Здравствен дом Неготино имало вкупно 2.351 упат за специјалистички прегледи по ортопедија во најблиските болници или на клиниките, додека од Здравствен дом Свети Николе од областа на ортопедија се креирани 3.334 упати кон други јавни здравствени установи.

Воедно, податоците од системот МојТермин покажуваат дека проектот „Наш специјалист“ веќе успешно функционира во Берово, каде за само два дена се извршени вкупно 84 прегледи, од кои 49 на ортопедија и 35 на неврологија, додека во Здравствениот дом во Валандово се извршени вкупно 36 прегледи за два дена. Само минатата сабота, во Здравствен дом Виница, докторите-специјалисти по оториноларингологија и ортопедија прегледале вкупно 28 пациенти, додека во Здравствен дом Крива Паланка специјалистите по оториноларингологија и невропсихијатрија прегледале вкупно 39 пациенти.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.