Проектот за изградбата на 140 детски градинки придобивки за најмалите, родителите, невработените…

детски градинки

Правилен раст и развој на децата, нивна социјализација, крај на листите за чекање, отворање на нови работни места, но и создавање предуслови за зголемување на бројот на склучени бракови и создавање на многудетни семејства, како и  зголемување на наталитетот.

Ова се само дел од бенефитите од најавениот проект за изградба на 140 детски градинки, од кои 100 ќе бидат комплетно нови.

Проектот доби поддршка од самостојниот синдикат за образование, наука и култура, Здружението на воспитувачи на Република Македонија, социјалните работници, родителите… Посочуваат дека проектот е од огромно значење за целата држава, секое едно семејство во неа и ќе овозможи решавање на проблемот со недостиг на капацитети за згрижување на децата од предучилишна возраст, а истовремено ќе придонесе за нивна полесна адаптација при започнувањето на училишниот процес.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, поздравувајки го проектот потенцираше дека истиот значително ќе придонесе за подобрување на  згрижувањето, воспитанието и образованието на децата од предучилишна возраст.

Со овој проект севкупно ќе се подобри состојбата во детската заштита во нашата држава. Изградбата на 140 нови капацитети во детската заштита ќе предизвикаат зголемување на посетеноста на децата од предучилишната возраст во градинките со што ќе бидеме како држава во самиот врв на згрижување, воспитание и образование на децата од оваа возраст, истакна Неделков.

Тој изрази уверување дека секое семејство со задоволство ќе го прифати овој проект посебно младите брачни парови.

СОНК има голем придонес во спроведување на вакви проекти што ќе бидат во правец на зголемување на квалитетот на образованието на сите нивоа. СОНК со целиот свој капацитет ќе даде максимум придонес за реализација на овој проект, а со тоа и во подобрување на образовниот процес во Р.Македонија, додава Неделков.

Според генералниот секретар на Синдикатот, Весна Неделковска, која и самата долги години работела во детска градинка, предучилишните установи се особено значајни за дечињата и нивниот развој. Со овој проект, како што посочува таа, ќе се реши еден од најгорливиите проблеми на родителите при упис на децата во градинка, а тоа е дека повеќе нема да има листи на чекање, туку сите деца ќе бидат згрижени во градинки.

Сметам дека проектот за изградба на нови детски градинки е од исклучително значење за целата наша држава од повеке аспекти или димензии. Натамошно подобрување на состојбите за потребите од нови детски градинки, реални можности на илјадници дека коишто сега немаат можност да посетуваат градинки на овој начин ке им се создаде можност да бидат дел од воспитно-образовниот процес во државата, олеснување на проблемот на многу млади брачни парови коишто сега имаат проблем за упис на деца во градинките, поттикнување на наталитетот во државата, но и можност за нови работни места за невработените лица, посочува таа во изјавата.

Според неа со новите детски градинки ќе се реши еден од најгорливиите проблеми на родителите при упис на децата во градинка, а тоа е дека повеќе нема да има листи на чекање, туку сите деца ќе бидат згрижени во градинки.

И според Здружението на воспитно-згрижувачки и стручен кадар овие 140 градинки ќе решат многу проблеми на постоечките капацитети, ресурси и вработени во детските градинки, ќе придонесат и за нови вработувања и секако најголем бенефит ќе имаат родителите кои имаат голема потреба.

Зголемувањето на наталитетот, односно потребата за запишување на децата во градинка последната деценија се покажа и како голем проблем за сите постоечки детски градинки во државата или со други зборови, листите за чекање се повеќе се зголемуваат од година во година. Овие 140 градинки ќе решат многу проблеми на постоечките капацитети, ресурси и вработени во детските градинки, ќе придонесат и за нови вработувања и секако најголем бенефит ќе имаат родителите кои имаат голема потреба, но и досега и проблем да ги сместат своите деца во градинка, вели претседателот на ова здружение, Илија Митров.

Според него, со изградбата на 140 градинки нашата земја ќе биде лидер во регионот во делот на предучилишно образование и воспитание на децата.

За претседателот на Здружението на социјални работници, Гоце Прцуловски, пак, проектот дава осврт за правилно функционирање и грижа за најмладите, а бенефитот ке о осетат и родителите, бидејќи како што потенцираше, секој родител сака неговото дете биде згрижено и одгледувано од квалификуван кадар и да има квалитетно поминато време.

Градинката е еден процес на социјализација кој претежно преовладува во урбаните средини, каде поради поголемиот број на промени во семејството и обврските на родителите се јавува потреба од поголем број на градинки. Градинките се поддршка за правилен раст и развој на децата и нивна социјализација и полесна адаптација при започнувањето на училишниот процес. Затоа е добро да се градат градинки и во руралните средини, посочува Прцуловски.

Проектот е поздравен и од родителите, мајка на две годишно дете од Скопје, вели дека според неа ова е еден од најдобрите проекти кои можел некој да го понуди и се надева дека истиот ќе се реализира што е можно поскоро.

Проектот е одличен, само се надевам дека ќе биде реализиран, добро е што некој се сети дека недстигот на градинки е еден од најголемите проблеми во земјава од кој е засегнато скоро секое едно семејство. Јас едвај успеав да ја запишам ќерка ми во градинка, на листа на чекање беше една година, се снаоѓав како знаев и умеев, ја остава кај роднини, баби, дедовци, но колку можат тие да ја едуцираат, градинка си е градинка и сметам дека секое едно дете треба да посетува предучилишна установа, пред да зачекори во вистинскиот образовен процес, вели во изјава за Нет Прес, 35 годишната скопјанка Лилјана.

Најголема потреба за отворање на предучилишни установи, како што посочија за Нет Прес  од самостојниот синдикат за образование и наука, моментално има во Скопје, но и во останатите поголеми градови низ земјава, како што се Прилеп, Битола, Штип. Приоритет за изградба на објектите ќе имаат општините со најдолги листи на чекање, најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола  Груевски.

Досега најдоги листа за чекање како што појасни, има во општините Центар, Струмица, Куманово, Ѓорче Петров, Аеродром, Гази Баба, Карпош,  Кисела Вода, Битола, Штип, Чаир, Струга, Прилеп, Делчево, Тетово, Гостивар, Охрид и Велес и други.  Во зависност од потребите, најверојатно како што дополни Груевски,  во одредени општини, ќе се изградат и повеќе објекти на градинки во иста општина.

Најавувајки го проектот тој нагласи дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ изминативе години целосно се посветила на потребата од зголемување на капацитетите за згрижување на деца од предучилишна возраст односно отворање на нови детски градинки.

Се реализираа и низа мерки со кои ги поттикнуваме родителите да имаат повеќе деца знаејќи дека наталитетот е проблем во Република Македонија, но и во цела Европа. Од тие причини во поголем број на општини се јави потреба од постоење на повеќе градинки што укажуваше дека се раѓаат и повеќе деца како потврда на нашите политики насочени кон придвижување на демографските состојби во позитивен правец. Потребата од повеќе градинки е првиот индикатор дека имаме одреден успех во напорите за раст на наталитетот, иако сме свесни дека треба многу повеќе за да дојде до позабележителни резултати на долг рок, рече лидерот на владејачката партија.

Тој нагласи дека потребата од нови градинки оди и заедно со намалување на невработеноста, и се повеќе семејства каде и двата родитела имаат работа, работно време имаат и потреба детето да го однесат во градинка.

Генерално што се однесува до проектот ќе постојат 4 модели на градинки: Тип А, градинки кои би биле со капацитет до 50 деца за што ќе се инвестираат околу 150.000 евра; Тип Б со капацитет од 100 или 120 деца за чија изградба ќе се инвестираат околу 200.000 евра; Тип Ц со капацитет од 200 до 220 деца, за чија изградба ќе се инвестираат околу 300.000 евра, и тип Д со капацитет од 300 до 350 деца за чија изградба ќе се инвестираат околу 400.000 евра. 100 од темел новоизградени градинки не се изградиле никогаш претходно во нашата држава, а ова е добра вест за илјадници семејства чии деца ќе посетуваат градинка. Реализацијата, процедурите, проектирањето, некаде и градбите на овој проект ќе започне наредната 2017-та година и ќе се завршува постепено помеѓу 2018 и 2020 година . Откако ќе бидат обезбедени средствата, ќе се пристапи кон изработка на идејни решенија, разработка на типски проекти, тендерирање, по што ќе биде избран и изведувачот. Ова ќе биде и значаен инпут за градежништвото во Македонија, за градежните компании кои ќе учествуваат во изградбата на овие нови градинки, појасни Груевски.

Целиот проект ќе чини вкупно околу 25 милиони евра. Истиот треба да се реализира во периодот 2017 – 2020 година и преку него капацитетот за згрижување на деца од предучилишна возраст се очекува да биде зголемен за дури 40 отсто.