Проектот за побрза исплата на породилно на разгледување пред експерти

Интер-ресорската консултативна и советодавна група за еднакви можности на жените и мажите, во која  членуваат претставници од владини институции како: Министерство за здравство, Министерство за труд и социјална политика, Генерален секретаријат, Министерство за надворешна политика, Министерство за земјоделство, Министерство за внатрешни работи, Министерство за транспорт, претставници од Синдикатот, од Сојузот на работодавачи, претставници од невладиниот сектор, независни експерти за родово право и меѓународни организации,  имаше средба и презентација на новиот проект „Побрза исплата на надоместоци“, информираат од ФЗОМ.

 Надлежноста на Интер-ресорската консултативна и советодавна група за еднакви можности на жените и мажите е да се грижи за интеграција на концептот за вклучување на родовите аспекти во секторските политики.

На работната средба на ФЗОМ со Интер-ресорската консултативна и советодавна група за еднакви можности на жените и мажите, беше договорено, по презентацијата од страна на ФЗОМ на трите варијанти на проектот „Побрза исплата на надоместоци“ , интер-ресорската консултативна и советодавна група за еднакви можности на жените и мажите да изгради став и мислење која варијанта ја преферираат и да ги достават до Фондот.

Интер-ресорската советодавна и консултативна група ги поздрави заложбите на ФЗОМ за забрзување на постапката за прилив на средствата на граѓаните во услови кога им се најпотребни и елиминирање на доцнењето на исплатите за боледување и родителско отсуство.

Ставот на Интер ресорската советодавна консултативна група за еднакви можности на жените и мажите во врска со трите предложени варијанти на проектот „Побрза исплата на надоместоците“,  е дека ја преферираат третата варијанта. Односно, го поддржуваат пристапот за административно олеснување, кој предвидува електронско поднесување на барањето за надоместок на плата, елиминирање на сите други дополнителни документи, предвидува законски измени за остварување на правото на надоместок за породилно и боледување, независно од судбината на фирмата во која се вработени (дали фирмата плаќа придонеси за здравствено осигурување), а од друга страна не го менува на системот на исплата на родителското отсуство.