Македонија

Професијата наставник ќе се лиценцира

Професијата наставник ќе се лиценцира

Со цел професијата наставник да стане регулирана професија во Македонија првпат се предлага Закон за наставници, а за лиценцирање на наставниците ќе се основа и нова инстиутуција – Академија за наставници, која ќе има цел да врши обука, да издава, обновува и одзема лиценци.

Премиерот Никола Груевски на отворената владина седница рече дека клучно за образованието е да има квалитетни наставници.

– На педагошките факултети и на академиите да влезат многу повисоко квалитетни кадри – и според личниот капацитет и според дотогашното стекнато знаење,  но и за време на студирањето да се стекнат со големо знаење, многу поголемо отколку сега. Кога такви наставници потоа ќе ги спремаат идните генерации, ќе добиеме многу посилни идни генерации како што е во некои понапредни земји, рече Груевски.

Бидејќи професијата наставник ќе се регулира со закон, ќе стане регулирана професија и ќе мора да се лиценцира. За да се лиценцира ќе треба да поминат обука и на крај завршен испит. Во Законот за академија на наставници е предвидено таа институција да има управен одбор со девет члена, а главно стручно тело на академијата ќе биде програмскиот совет со странски и домашни експерти.

За изборот на предавачи во академијата за наставници за теоретскиот дел ќе важи Законот за високо образование, а за практичнниот дел ќе може да се избираат наставници со квалифакции ментор или советник. Практичниот дел на обуката ќе се одвива во училиште кое е најблиску до живеалиштето на кандидатот, под услов да има наставник ментор или советник.

Квотите за упис ќе ги утврди Владата на РМ врз основа на петогдишна програма која исто така ќе биде усвоена и врз основа на потребите  на општини, по училишта, по предмети и по наставен јазик на кој се изведува наставата во основното и во средното образование.

За запишување на академијата ќе има услови, а кандидатите што ќе ја завршат, односно секој наставник кој ќе се лиценцира, ќе има 3.000 денари додаток во плата.

Законот за наставници, исто така, е нов и првпат се носи во Македонија. Целта е професијата наставник да стане почитувана во општеството и наставниците да го заземат своето заслужено место, рече министерот за образование Абдилаќим Адеми.

Се дефинираат квалификациите за наставниците (лиценциран наставник, наставник советник и наставник ментор) и секоја ќе значи и дополнителен стимул односно повисока плата. Се дефинираат и условите за  вработување на наставниците во основно и средно училиште, а со законот се дава можност и за професионален и кариерен развој на наставниците.

Построги се и условите за лиценцирање на директорите на училишта, со утврдени критериуми за упис и обука по кои ќе има завршен испит. Ќе има основна и напредна обука. Завршниот испит ќе се полага пред комисија во три дела и на крај, доколку положи, ќе се лиценцира.

Разликата од сегашните лиценци е што лиценцата ќе важи и за основно и средно образование. Истиот кандидат кој ќе се лиценцира ќе може да аплицира – без разлика што работи во средно образование да стане директор и во основно образование, доколку е квалитетен и ги исполнува условите.

Во Законот за основно и средно образование ќе се предложи тој што ќе стекне лиценца да не може да биде директор во истото училиште каде што работи.