Професорите кои ги поддржуваат реформите со писмо до еврокомесарите

Професорите кои се потпишаа на Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование во Република Македонија испратија писмо до Тибор Наврачич, еврокомесар за образование, култура, млади и спорт и Јоханес Хан, Еврокомесар за проширување на Европската Унија, со кое даваат поддршка за реформите кои треба да го зголемат квалитетот во високото образование. Писмото на професорите доаѓа откако претходно претставници на таканаречениот Професорски пленум испратија допис до Наврачич и Хан.

Во продoлжение интегрален текст од писмото на професорите кои се потпишаа на Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование.

1. Дозволете најнапред да изразиме длабоко жалење за начинот на кој нашите колеги одбраа да комуницираат со Вас, како и за грубите невистини и манипулации содржани во нивното писмо. Нашето академско ниво не ни дозволува да ја прифатиме, а уште помалку да ја премолчиме политичката и тесно-партиската игра на нашите колеги за дискредитација и негирање на искрените намери на власта да направи суштинска реформа во образовниот систем на Република Македонија. Убедени сме дека политичката манипулација на високото образование ќе ја согледате и Вие преку фактите и аргументите презентирани во ова писмо, како одговор на неточните наводи на нашите колеги организирани во неформалниот Професорски пленум.

2. Како професори потписници на Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование, кои во моментов се над 250 приврзаници од сите универзитети во Република Македонија, не можеме да останеме без конкретна реакција со цел и во интерес на разобличување на (дез)информациите кои Ви се доставени. Сакаме да Ве увериме дека истите се тенденциозни, невистинити и се во насока на закочување на реформските процеси во високото образование. Предложените законски измени се одлична можност Република Македонија конечно да го фати приклучокот со земјите-членки на ЕУ во насока на имплементирање на добрите практики и европските стандарди за квалитетот во високото образование. Реформата има за цел да го подигне нивото на квалитетот на студирањето во земјата, да го засили квалитетот на професорските способности и капацитети кои ќе овозможат нивна поголема видливост во европскиот научно-истражувачки простор, да ги подигнат компетитивните критериуми на македонските професори што ќе се одрази и врз процесот на зголемувањето на нивната мобилност, нивната поголема информираност и директна вклученост во научно-истражувачките и иновативните процеси во Европа, и во светот.

3.Како одговорни чинители на високообразовниот систем во Република Македонија Ве уверуваме дека реформите во високото образование се целосно во согласност со европските стандарди за квалитет во високото образование и се во функција на подобрување на перформанските на нашата земја за следење на приоритетите од Стратегијата на ЕУ 2020, а во насока на постигнување на врвната цел на Унијата, Европа базирана на знаење, односно Република Македонија базирана на знаење.

4. Петте амбициозни и стратешки цели кои политичарите на Унијата ги имаат зацртано како клучни таргети на Стратегијата на ЕУ 2020, во делот на вработувањето, иновациите, образованието, социјалната инклузија и енергетиката, се и наши цели-водилки. Свесни сме дека нивното реализирање бара спроведување на одлучни и храбри реформи во националните политики. Повеќе од сигурно е дека иновациите, вработувањето, и социјалната инклузија се директно зависни од нивото на квалитетот во високото образование во секоја земја, па оттаму и во Република Македонија како земја-кандидатка за членство во ЕУ..

5. А сега дозволете да Ви ги изнесеме вистинитите аргументи поврзани со реформата во македонското високо образование. Во писмото на нашите колеги стои дека со реформите во високото образование се загрозува автономијата на универзитетот. За жал, очигледно е дека со нашите колеги имаме дијаметрално различни сфаќања за автономијата на универзитетот. Додека нашите колеги се силни поддржувачи на автономијата на универзитетот сфатена како изолиран остров во кој не допираат и не важат новите вредности кои секојдневно ги наметнува пазарот на трудот, економскиот развој на земјата, трката по иновативни и компетитивни знаења, потребата од интелектуални услуги со употребна вредност за студентите и за развојот на државата, ние автономијата на универзитетот ја разбираме на европски начин, како пазарно-ориентирана категорија.

6. Убедени сме дека автономијата на универзитетот е поврзана со начелото на јавната одговорност на универзитетите во однос на заштитата и развојот на општеството и на државата. Автономијата на универзитетите може да биде одржлива единствено преку ефективните механизми на економската одржливост, која, пак, е зависна категорија од вредностите и услугите што универзитетите му ги испорачуваат на пазарот на трудот. Реформите го следат овој тренд на автономија. Ние сме приврзаници на мислењето дека универзитетите се рамноправни, а не привилегирани институции во системот.

7. Втората невистина содржана во писмото е дека реформите значат „големо отстапување од Агендата за модернизација на високото образование и дека ги напуштаат принципите на Болоњскиот процес“.  При тоа, во писмото, властите се дрско и неосновано обвинети дека „покажуваат отсуство на визија и на осмислена и конзистентна национална политика во високото образование“. Ова е комплетно извртување на вистината. Предложените измени и дополнувања на законските решенија не само што покажуваат јасна визија и конзистентност на властите во формулирањето на македонската образовна политика, туку и длабински и суштински ја детерминираат основна цел на реформите-модернизирање на високото образование по теркот на најсовремените европски и светски универзитетски центри, подигнување на компатибилноста и компарабилноста на македонското високо образование со практиките и вредностите на најпознатите научно-истражувачки и образовни центри. Република Македонија заслужува да се одлепи од дното на кое се наоѓа веќе 23 години по однос на квалитетот на високото образование и учеството на нашите професори во научно-истражувачката работа. Во предлог измените на законот е утврдена обврска македонските универзитети да работат според студиските програми на најдобро рангираните универзитети во Европа и во САД. Исто така, предвидена е обврска за професорите да „објавуваат научни трудови со импакт фактор во реномирани научни списанијаод соодветната област во базата на Web of Science“. Зар овие решенија се спротивни на Агендата за модернизација на високото образование? Сигурно дека не. И обвинувањата изнесени во писмото дека со измените на законот ќе се напуштат принципите на Болоњскиот процес ја цениме како голема манипулација. Законските решенија и натаму силно ги поддржуваат вредностите на Болоњскиот процес, а посебно мобилноста на студентите и на професорскиот кадар, како и вреднувањето на знаењето на студентите преку ЕКТ-системот. Всушност, идејата на целата реформа во високото образование се заснова на мобилноста преку која ќе се постигне поголема конкурентност меѓу националните професори, но и нивна поголема видливост на европскиот простор.

8. Во писмото е наведено дека на „апсурдните мерки содржани во законот се спротивставиле речиси сите факултети и универзитети“ што повторно цениме дека е неодговорно и лажно тврдење. Фактот дека Министерството за образование и наука на Република Македонија, во текот на изминатите три месеци, организираше бројни средби со факултетите и универзитетите на кои ги презентираше предлог-законските решенија, фактот дека до МОН секојдневно пристигнуваат нови и нови предлози за подобрување на квалитетот на измените токму од факултетите и од универзитетите во Република Македонија, како и фактот дека голем дел од пристигнатите предлози се веќе вметнати во предлог-измените на Законот силно ја демантираат оваа констатација. Голем дел од државните и приватните универзитети и факултети и јавно ги поддржа предложените измени на Законот за високото образование. Не смее да се заборави дека по иницијатива на МОН и на Интеруниверзитетската конференција на државните и на приватните универзитети, на 5.01.2015 година се одржа и јавна дебата по однос на предлог измените на која присуствуваа ректорите на сите државни и приватни универзитети, повеќе професори, но и студентите. Токму оваа јавна дебата упатува да ја согледате вистината поврзана со реформите. Она што нашите колеги свесно пропуштиле да Ве информираат е дека и тие, заедно со сите заинтересирани студенти, беа уредно поканети од МОН и од Владата на Република Македонија да учествуваат, дека по нивен предлог дури беше и сменета првично закажаната локација за одржување на дебатата. И покрај нивното ветување дека ќе партиципираат, тие сепак не дојдоа.

9. Следната невистина содржана во писмото е дека државниот испит, кој е предвиден како дел од мерките за реформа на високото образование, „ќе го спроведува Одборот за акредитација и евалуација на високото образование, чии членови ќе ги бира ВЛАДАТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА“. Заради Ваше вистинито информирање, во предлог-измените стои дека државниот испит ќе го спроведува Одборот за акредитација и евалуација на високото образование, чии членови ќе ги избира СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА како основач на државните универзитети.

10. Голема манипулација е и тврдењето дека „пакетот закони се подготвени на целосно нетранспарентен начин, со кршење на законската процедура, без јавна дебата и без учество на академската и на стручната заедница, студентите и другите субјекти вклучени во образовниот процес“. Почитувани, дозволете накусо да Ви ја објасниме постапката на донесување на закони во Република Македонија согласно Деловникот на Собранието на Република Македонија за да можете Вие да изведете заклучок дали се работи за кршење на законската процедура. Предлог-измените на законите во Собранието на Република Македонија поминуваат низ две фази на читање. Во моментот кога пристигна писмото од колегите, како и нашето писмо, предлог-измените и дополнувањата на Законот за високото образование се наоѓаат пред одржување на второ читање во матичното работно тело. Во второто читање, согласно Деловникот, матичното  работно тело и Законодавно-правната комисија, ги претресуваат одредбите од предлогот на законот поединачно и гласаат по поднесените амандмани. Амандман може да поднесе секој пратеник во Собранието, пратеничка група и работно тело. Амандманот се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и мора да биде образложен и потпишан од предлагачот. Ако предлогот на законот се предлага да биде донесен во скратена постапка, амандман може да се поднесе до почетокот на седницата за второто читање на предлогот на законот. По исклучок, амандман може да се поднесе до крајот на претресот по предлогот на законот, ако со него се врши  усогласување на одредбите во текстот што се измениле поради претходно усвојување на еден или повеќе амандмани. Ова значи дека ако нашите колеги имаа искрена намера да го подобрат квалитетот на Законот за високото образование имаа можност да ги достават своите конструктивни предлози до МОН, односно до работното тело на Собранието и на тој начин да влијаат во процесот. Наместо да покажат поголема конструктивност и поголема сериозност кон прашањето кое им е животна професија, тие одбраа енергијата да ја трошат на улица, со организирање на протести и со директна злоупотреба на студентите. Наместо да Ви пишуваа писма Вам, можеја да седнат и да срочат стотици амандмани на законот со кои ќе покажеја дека навистина имаат причина за незадоволство. Вака, останува сосема издржана нашата констатација дека колегите немаат добра и искрена намера во процесот.

11. Како целосни манипулации ги оценуваме наводите во писмото дека со овие реформски решенија власта ќе го „напушти Болоњскиот процес, а со тоа и Европскиот академски простор, но и самата идеја за евроинтеграциите“.

12. Почитувани господа, дозволете уште еднаш да потенцираме дека основната цел на предложените реформи во високото образование е да се подобри вкупниот квалитет на македонското високо образование, пред сé, во полза на студентите, на професорите, но и на севкупниот економски, правен, политички и општествен развој на Република Македонија. Во услови кога ЕУ сé поевидентно стимулира и конципира нови и нови програми за унапредување на иновативноста и техничко-технолошкиот развој, Република Македонија не смее да остане надвор од тие политики само затоа што одредена група професори не сака да си го наруши сопствениот комодитет, и не сака преку поголем активизам, работа и труд да придонесе кон развојот на сопствената држава. Сметаме дека реформските процеси во високото образование треба да започнат од нас самите, од менување на нашата ментална матрица која на Балканот е позната како „нишај врата, земај плата“. Ние не се согласуваме да останеме во затворениот круг на медиокритетството и да ја поддржуваме неработата. Ние сакаме нови хоризонти, нови знаења, нови предизвици. Тоа не е само наше право, туку и наша голема обврска.

VIVAT ACADEMIA, VIVANT PROFESSORES!

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.