Професорите кои ги поддржуваат реформите во високото образование бараат прием кај Иванов

Професорите од Граѓанската иницијатива за поддршка на реформите во високото образование бараат прием кај претседателот Ѓорге Иванов за да го запознаат со нивните активности и ставови за измените на Законот за високото образование кои во втора фаза поминаа во матичната собраниска комисија.

Во писмено барање до шефот на државата истакнуваат дека се убедени оти тој како претседател, но и како универзитетски професор, верува во потребата  за поквалитетно високо образование во земјата, во интерес на студентите, професорите и во интерес на развојот на Република Македонија.

Посочуваат дека нивните заложби за реформирање на високо образовниот систем се резултат на потребата за зголемување на неговиот квалитет, за поголемо учество на професорите во креирањето на европската и светската научна мисла, учество во научно-истражувачките проекти надвор од земјата, мобилност и видливост на професорите во европскиот академски простор. Сметаат дека високото образование во Македонија  мора да ги следи европските и светските трендови и практики за квалитет, да биде компатибилно со новите знаења.

– Како одговорни професори сметаме дека овој клучен предизвик не е само наше право, туку и наша голема обврска. Длабоко веруваме во стратешки поставената врвна цел на ЕУ, создавање Европа базирана на знаење, а во таа смисла и Република Македонија базирана на знаење. Знаењето е клучната сила што го движи светот напред, како и клучната сила што ќе ја движи Република Македонија напред. Крајно време е целата македонска академска заедница да се обедини во насока на реализирање на оваа мисија, стои во барањето на професорите упатено до претседателот Иванов.